ОД 1.000 ТРАНСАКЦИИ МЕСЕЧНО ДО 1.000 ТРАНСАКЦИИ ВО 2 МИНУТИ Комерцијална банка и Mastercard одбележаа 30 години од првата платежна картичка во Македонија

Џамбазовски го најави следниот новитет од Комерцијална банка - дигиталната картичка, која постои веднаш, подготвена е за плаќање во дигиталниот свет од првиот момент и секогаш е достапна.

314

Комерцијална банка и Mastercard со јубилеен настан одбележаа 30 години од воведувањето на првата платежна картичка во Македонија. Како пионер и лидер во иновативните платежни решенија, Комерцијална банка пред три децении ја издаде првата меѓународно брендирана картичка во земјата, со што засекогаш ги промени начинот на плаќање и навиките на македонските граѓани.

Во присуство на високи претставници од Комерцијална банка и од Mastercard, овој значаен јубилеен настан понуди сликовито навраќање на развојот на довербата и иновациите и визија за иднината на дигиталните плаќања.

Преку краток документарен видео приказ, присутните го видоа патувањето од првата платежна картичка во Македонија, воведена од Комерцијална банка, до модерните дигитални паричници, бесконтактни плаќања и иновативни решенија, кои денес се нашето секојдневие.

Во рамки на панел дискусијата „30 години партнерство, 30 години иновации“, беа истакнати довербата, соработката, визијата и улогата на долгорочното партнерство помеѓу Комерцијална банка и Mastercard во градењето сигурен, модерен и кориснички ориентиран платежен систем.

– Кога зборуваме за лидерството на Комерцијална банка во сегментот на иновативни платежни решенија, не зборуваме само за технологија. Зборуваме за искуство. За тоа како клиентите се чувствуваат секој ден кога плаќаат, купуваат, патуваат или управуваат со своите финансии. Почнавме пред 30 години со првата платежна картичка. Тогаш тоа беше голем чекор напред. Денес е секојдневие. Но, нашата мисија остана иста – да им нудиме повеќе вредност и поголемо задоволство на клиентите – истакна на панелот д-р Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Џамбазовски го најави и следниот новитет од Комерцијална банка – дигиталната картичка, која постои веднаш, подготвена е за плаќање во дигиталниот свет од првиот момент и секогаш е достапна.

– Комерцијална банка се етаблираше како вистински двигател на промените на македонскиот пазар преку низа иновации со кои прва излегуваше на пазарот и преку разновидна понуда на производи. Во дигиталниот свет, довербата не е опција, таа е основа на секоја значајна активност. Во Комерцијална банка гледаме доверлив и одржлив партнер кој со импресивна брзина ги доближува глобалните трендови во плаќањата до секојдневните потреби на македонските потрошувачи и бизниси – изјави Бартош Чиолковски, генерален директор на Mastercard за Југоисточна Европа.

Според Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка, и директен сведок на сите клучни чекори од првата картичка до модерните платежни решенија на Банката, промената на навиките на клиентите е процес без крај.

– Кога ја започнав мојата кариера, имаше околу 1.000 трансакции месечно, денес за само 2-3 минути има над 1.000 трансакции преку системите на Комерцијална банка. Денес сме најголем прифаќач на картички со пазарно учество од над 33% во физичкиот свет и над 44% во виртуелниот свет. Ова се само дел од фактите кои навистина го покажуваат патот кој го одевме заедно со Mastercard, но ја покажуваат и динамиката на развојот – рече Чадиковски.

Платежните картички за македонските граѓани денес не се само инструмент за плаќање, туку и вредно искуство, забава и удобност при задоволување на секојдневните желби и потреби. Ексклузивната анализа на Mastercard Economic Institute, презентирана од Вања Манова, Регионален директор на Mastercard за Бугарија, Македонија, Албанија и Косово, покажа дека користењето картички во Македонија бележи силен раст во изминатите 30 години, од околу 130.000 картички во 2005 година до една картичка по жител денес.

– Купoвната моќ на домаќинствата е зголемена за околу 83% од 2003 година досега, а потрошувачките навики се значително променети. Денешните потрошувачи сѐ почесто се насочуваат кон практични и алтернативни производи. Забележлив е трендот „искуство наместо материјално добро“, при што трошоците за забава се речиси двојно зголемени во однос на 2000 година. Македонија се вбројува меѓу земјите во регионот со највисока потрошувачка во ресторани, а потрошувачите сè повеќе даваат приоритет на убавина, уживање, вкусни задоволства и удобност – истакна Манова.

Јубилејниот настан заврши со пораката дека 30-годишното партнерство помеѓу Комерцијална банка и Mastercard е цврста основа за градење иднина на силно корисничко искуство што се случува едноставно, природно, сигурно и дигитално.

Поврзани содржини