ГЛОБАЛНАТА ЕКОНОМИЈА Е НА РАБ НА РЕЦЕСИЈА Меѓународниот монетарен фонд ги намали изгледите за раст и за инфлација

Во 2026 година, светската економија ќе порасне за 3,1% наместо 3,4%, а прогнозата за 2027 година остана на 3,2%.

35

Војната меѓу САД и Иран би можела да ја турне светската економија во рецесија, предупреди Меѓународниот монетарен фонд во најновата, прилично остра проценка на последиците од тој конфликт.

Во предговорот на извештајот, главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуринчас, предупреди дека глобалните перспективи „нагло се затемнија“, со што се завршува стабилниот пат на економски раст.

– Затворањето на Ормутскиот теснец и сериозните штети на клучната производствена инфраструктура во регионот, кој е центар за глобално снабдување со јаглеводороди, би можеле да предизвикаат невидена енергетска криза – рече тој.

Како што наведоа во најновиот извештај, економската штета од војната на Блискиот Исток веќе се чувствува, поради што прогнозите за глобалниот раст за 2026 година се намалени.

„Дури и краткорочен конфликт би имал негативни последици, додека долгорочна војна би можела да предизвика сериозни глобални нарушувања. Според централната прогноза, глобалниот раст би можел да падне од минатогодишните 3,4% на 3,1% во 2026 година, со инфлација што би се зголемила на 4,4%. Сепак, во помалку поволно сценарио, со останување на високи цени на енергијата, растот би можел дополнително да забави на 2,5%, додека инфлацијата би се зголемила на 5,4%“, се вели во извештајот на ММФ.

Се додава дека најлошото сценарио подразбира долгорочен и интензивен конфликт, цени на нафтата над 110 долари за барел, што би го довело светот на работ на рецесија, со раст од околу 2%.

ММФ очекува раст од 1,1% во Еврозоната, 0,2 поени помалку отколку што очекуваше во јануари, а ја намали прогнозата за 2027 година со иста стапка, на 1,2%..

„Земјите во развој и нето увозниците на енергија ќе го почувствуваат најголемото влијание, додека развиените економии исто така ќе ги трпат последиците. Особено е погодена Велика Британија, чија прогноза за раст е намалена на 0,8%, со очекувано зголемување на инфлацијата на речиси 4%, што е највисоко меѓу земјите од Г7“, се наведува меѓу другото во извештајот.

Според новата прогноза, германската економија ќе порасне за 0,8% оваа година, што е за 3% помалку отколку во јануарскиот извештај. Следната година, стапката на раст ќе биде 1,2% , наместо 1,55.

Исто така, ќе се забави, иако малку помалку, растот на САД, кои директно учествуваат во војната. Американската економија ќе порасне оваа година за 2,2% наместо 2,3%, додека прогнозата за 2027 година е пооптимистичка отколку во јануари: 2,1% наместо точно два проценти.

Според ММФ, ова би значело многу тесна маргина на глобална рецесија (раст под два проценти), што се случило само четири пати од 1980 година, а последните два пати за време на глобалната финансиска криза и пандемијата на болеста COVID-19.

Поврзани содржини