МАЃАР БАРА ОСТАВКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ШУЉОК „Во спротивно, уставни измени“

Новоизбраниот премиер на Унгарија побара од шефот на државата да се повлече за да се испочитува волјата на народот. Најави и уставни измени ако тоа не се случи.

599

Политичката сцена во Унгарија влегува во нова фаза, веднаш по изборната победа на опозицијата.

Лидерот на партијата „Тиса“ Петер Маѓар побара претседателот на државата Тамаш Шуљок да поднесе оставка, оценувајќи дека не може да го претставува единството на нацијата.

– Претседателот не е способен да го претставува единството на унгарската нација и не може да биде морален компас – изјави Маѓар.

Маѓар порача дека повлекувањето треба да се случи веднаш по формирањето на новата влада. Во спротивно, неговата партија ќе иницира измени на Уставот.

Од кабинетот на претседателот соопштија дека Шуљок ќе ги разгледа аргументите.

И покрај тензичната порака, претседателот ќе му го довери мандатот за состав на влада. Конститутивната седница на парламентот се очекува на почетокот на мај.

Новата влада треба да биде формирана во текот на истиот месец.

Поранешниот премиер Виктор Орбан ја загуби власта по 16 години. Гласачите во рекорден број ја поддржаа проевропската опција на Маѓар.

Ова се гледа како јасен пресврт во унгарската политика.

„Тиса“ е централнодесничарска партија, а ставовите на Маѓар во некои сегменти се сметаат порадикални од оние на Орбан.

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека не е загрижен поради поразот на Орбан. Тој изрази позитивно мислење за новиот политички курс во Унгарија.

 

Поврзани содржини