АКО СЕ ЈАВАТ ТРАМП И ПУТИН ЌЕ ИМ КРЕНЕ, НО ТОЈ НЕМА ДА ГИ БАРА ПРВ Петер Маѓар одржа тричасовна прес конференција и се осврна на повеќе теми
Победникот на изборите во Унгарија ветува ограничување на два мандата за премиерот, со што практично би се спречило враќање на Виктор Орбан. Маѓар најави и дека ќе ги згасне програмите на државната телевизија и радио за да ја запре „пропагандата“ на Фидес.
По речиси три часа заврши првата прес конференција на новоизбраниот лидер на Унгарија Петер Маѓар. Се очекува дека преземањето на власта може да потрае до два месеца поради законските процедури во земјата.
– Мојот прв пат ќе ме води во Полска, заради зајакнување на илјадагодишното полско-унгарско пријателство. Вториот пат ќе ме води во Виена. А третиот во Брисел, за да ги вратиме средствата од Европската Унија кои им припаѓаат на Унгарците – најави Маѓар во својот победнички говор во неделата.
По повеќе од 2 часа и 50 минути, Маѓар го заврши говорот и одговорите на прашањата и замина да им телефонира на другите европски лидери.
За абортусот и за ЛГБТ заедницата
На прашањето за неговите ставови за абортусот и за ЛГБТ правата, вклучително и тоа дали би дозволил одржување на Паради на гордоста, Маѓар изјави дека ја поддржува слободата на собирање и вели дека прашањето за абортусот е веќе решено.
За ЛГБТ лицата, тој вели:
– Јасно кажавме дека, според Тиса и милионите Унгарци кои ја поддржуваат, секој може да живее со кого сака, сè додека не ги крши законите и не им нанесува штета на другите. Мислам дека тоа е суштината, без потреба да објаснувам какви било детали.
„Го гасиме информативниот програм на државната ТВ“
Маѓар вели дека ќе ги згасне програмите на државната телевизија и радио за да ја запре „пропагандата“ на Фидес. Како уште еден показател колку тој и неговата партија Тиса се подготвени брзо да тргнат во демонтирање на системот на Орбан, порача дека ќе ја „запре пропагандата финансирана од буџетот“.
Тој ги исмеваше новинарите на државните медиуми, порачувајќи им да ги „ажурираат своите биографии“, додавајќи дека „не можеле да го следат неговото темпо“ за време на кампањата.
Наведе дека „една од првите мерки ќе биде запирање на информативната програма на јавната телевизија и радио“, а дека новата власт ќе се обиде да воспостави „тело кое ќе ја гарантира независноста на државните медиуми“, по примерот на BBC „или на некој друг начин“.
„Ако Путин се јави…“
Маѓар изјави дека неговата идна политика кон Русија ќе биде прагматична, со напомена дека „географијата не може да се смени“ и дека Унгарија и понатаму е изложена на руските енергенси, како и дека во тек е проширувањето на нуклеарната централа Пакс. Тој додаде дека неговата администрација ќе ги преиспита сите постоечки договори и, доколку е потребно, дури и ќе ги раскине.
Говорејќи за можниот контакт со рускиот претседател, Маѓар рече:
– Ако Путин се јави, ќе му се јавам на телефон, но не мислам дека тоа ќе се случи. Истакна дека во тој случај би му порачал да „престане со убивањето по четири години и да ја заврши војната“, оценувајќи дека судирот нема смисла ниту за Русија.
– Веројатно тоа би бил краток телефонски разговор, но и понатаму се надевам дека Путин ќе биде принуден да ја прекине војната – заклучи лидерот на Тиса.
Нема да му се јави на Трамп
Маѓар рече дека САД се многу важен партнер со кој на Унгарија ѝ се потребни добри односи. Тој наведе дека нема да го бара Трамп, но дека неговата администрација ќе биде достапна за разговор доколку се јават од Белата куќа.
Орбан повеќе нема да може да биде премиер?
Победникот на изборите во Унгарија ветува ограничување на два мандата за премиерот, со што практично би се спречило враќање на Виктор Орбан.
Маѓар, кој и претходно најавуваше дека сака да воведе ограничување од два мандата за премиерот и тоа да го вгради во уставот, вели дека тоа правило би се применувало и ретроактивно, што практично би му оневозможило на Орбан некогаш повторно да се врати на премиерската функција.
Орбан помина вкупно 20 години на таа функција.
Постојат многу правни документи за кои унгарската јавност не знае
Маѓар тврди дека постојат многу правни документи за кои унгарската јавност, па дури ни тој, не знае, вклучувајќи ги и оние за меѓународните обврски и кредитите во странство.
– Постојат меѓународни договори, тајни одлуки на владата донесени за време на Орбан, документи за кои ништо не знаеме, за многу обврски кои Унгарија ги презела, кредити кои Орбан ги подигнал со камати за кои ништо не знаеме. Најважната задача ќе биде да ги набавиме сите документи, сè што останало по уништувањето, за нашата влада да остане функционална – вели Маѓар.
Тој додава дека неговата влада ќе се обиде да ги направи јавни кога и да е тоа можно, без кршење на клаузулите за доверливост, за дополнително да се расветли дејствувањето на досегашната власт.
Маѓар го обвини Сијарто: „Сечат документи, но тоа нема да им помогне“
Маѓар изнесе тешки обвинувања на сметка на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Во еден момент за време на прес-конференцијата, Маѓар доби лист со порака. Потоа рече дека дознал дека министерот за надворешни работи Петер Сијарто, кој неодамна беше под лупа поради неговите врски со Русија, наводно се наоѓа во министерството за надворешни работи и „уништува документи кои имаат врска со санкциите“ против Русија.
– Ги сечат документите, но тоа нема да им помогне. Ова е само за да ви дадам контекст за ситуацијата во Унгарија – рече тој.
Тој го спореди ова со обидите за уништување јавни записи „како во старото комунистичко време“.
Очекува уште неколку мандати
Маѓар очекува исходот од изборите на уште неколку места да се сврти во нивна корист и да добијат уште неколку мандати.
– Ова е невиден број луѓе кои гласале за една партија. Станува збор за три милиони и триста илјади гласови, тоа е голема одговорност. Фидес падна на една петтина и би сакал да нагласам дека добија толку мандати само затоа што пропагандната машинерија потроши повеќе милијарди форинти за да ги поддржи нивните лаги. Да не ја користеше машинеријата за свои цели, како што е разузнавачката служба, немаше да има ниту олку мандати – наведе Маѓар.
Тој рече дека гласачите „испишале историја“ и го повика претседателот што побрзо, веќе на 5 мај, да го свика новиот парламент.
Истакна дека граѓаните гласале „не само за промена на власта, туку и на системот“, со порака дека новата администрација ќе презема одговорност за своите грешки. Нагласи дека Унгарија останува цврсто определена за ЕУ и дека „стои зад мирот“, отфрлајќи ги обвинувањата за воена политика.
Нов буџет
Според ветувањата, партијата „Тиса“ ќе изработи нов буџет. Тој ќе вклучува намалување на даноците, воведување данок на имот повреден од една милијарда форинти, како и зголемување на пензиите и детскиот додаток.
– Расипничките престижни инвестиции како Пакс или железницата Будимпешта-Белград, мора веднаш да се преиспитаат. Мора да се запре продажбата на државен имот и зградите на министерствата, а ќе покренеме и сеопфатна истрага во системот за заштита на децата, каде во многу случаи ниту зголемувањето на платите не може да чека – рече Маѓар говорејќи за плановите за првите 100 дена.
Отворање на досиејата и помирување
Според претходните изјави на претседателот на партијата „Тиса“, меѓу првите одлуки ќе биде отворањето на досиејата на тајните служби, како и поднесување закон за национално помирување. Целта е, како што е речено, „да се залечат раните кои меѓусебно си ги нанесовме“.
За помирувањето Маѓар за HVG изјави: „Не е народот против народот. И гласачите на Фидес подеднакво сакаат мир и ја сакаат својата татковина. Не се тие виновни што оваа власт е на власт.“
Јавност на владините одлуки
Партијата вети, иако без конкретен рок, објавување на записниците од седниците на владата од изминатите години, под услов со тоа да не се загрозуваат државните интереси. Освен тоа, ќе се преиспитаат тајните владини одлуки класифицирани со ознаки за тајност и од сите одлуки ќе се тргне ознаката за тајност каде што е тоа можно од аспект на националната безбедност.
Според најавите, веднаш ќе се прекинат информативните програми и соопштенијата на јавните медиуми додека не се спроведе нивна реорганизација на паритетна основа. Исто така, би вовеле мораториум на државното огласување, а потоа посебно тело би ја надгледувало рамномерната распределба на огласите на медиумскиот пазар.