СЕ ПРЕГОВАРА ЗА БЕЗБЕДЕН ТРАНЗИТ НА ЃУБРИВА НИЗ ОРМУС Сеидбата се прескокнува, жетвата ќе потфрли
Агенцијата за храна и земјоделство на ОН предупреди дека остриот пад на сообраќајот на танкери, за повеќе од 90 проценти, го загрозува земјоделското производство и снабдувањето со храна.
Обединетите нации објавија дека започнале иницијатива за безбеден транзит на ѓубрива низ Ормускиот Теснец предупредувајќи дека земјоделците во некои делови од светот веќе ја прескокнуваат сеидбата, со слаби изгледи за жетва.
Иницијативата ја води Канцеларијата на ОН за проектни услуги (UNOPS), која во изминатите две недели во Њујорк организираше состаноци со земјите-членки за развој на механизам за безбеден транзит на комерцијални бродови за ѓубрива низ Ормускиот Теснец, изјави директорката за комуникации на UNOPS, Жулиет Тума.
Разговорите ги води извршниот директор на UNOPS, Хорхе Мореира да Силва, и тие сè уште се во тек, додаде Тума. Според неа, предложениот механизам треба да овозможи непречен и безбеден транзит на комерцијални бродови што пренесуваат ѓубрива и слична стока и да ги ублажи потенцијалните хуманитарни последици во земјите во Азија и во Африка кои користат ѓубрива.
Некои земјоделци во Јужна Америка веќе ја прескокнаа втората сеидба на пченка, а оние во Африка сè уште имаат малку време да се погрижат за жетвата, која би можела да биде значително послаба без ѓубриво, според извор за британски медиуми.
Компаниите сакаат механизам што би ја вратил слободата на пловидба, без поморска придружба и транзитни такси, изјави извор запознаен со разговорите, додавајќи дека иницијативата на крајот би можела да се прошири и на други стоки.
Агенцијата за храна и земјоделство на ОН предупреди дека остриот пад на сообраќајот на танкери, за повеќе од 90 проценти, го загрозува земјоделското производство и снабдувањето со храна.