25-ГОДИШНА МАКЕДОНКА ОДЗЕЛА 40.000 ЕВРА ОД 87-ГОДИШНА ЗАГРЕПЧАНКА Лажела дека ѝ е ќерка и дека скршила нога

Загрепската полиција трага по уште двајца соизвршители на измамата, а не им го знае идентитетот. Полицијата ги товари тројцата измамници од Македонија за измама со цел стекнување противправна имотна корист.

288

Загрепската полиција уапси една од тројцата измамници, наводно сите државјани на Северна Македонија, кои на крајно бесрамен начин, глумејќи лекари, од 87-годишна жена од Загреб земале 40.000 евра.

Лисици на рацете ѝ се ставени на 25-годишна државјанка на Северна Македонија, додека по нејзините сонародници, со моментално непознат идентитет, и понатаму се трага. Полицијата ги товари за кривично дело измама извршено со цел стекнување противправна имотна корист.






Тие уште на 22 декември минатата година во попладневните часови телефонски се јавиле кај 87-годишната жена. Машкиот измамник лажно се претставил како лекар, наведувајќи дека нејзината ќерка е во болница и дека поради скршеница на ногата итно е потребна операција.

– Операцијата чини 50 илјади евра – ѝ рекол лажниот лекар на загрепската пензионерка, која на тоа му одговорила дека има 40 илјади и замолила барем да разговара со својата ќерка преку телефон.

– Таа моментално не е во состојба да зборува – ѝ одговорил измамникот на жртвата, продолжувајќи да врши притисок околу плаќањето на наводната операција.

Потоа, следното утро повторно телефонски ѝ се јавиле на 87-годишната жена, само што овој пат измамничката глумела дека е ќерката на жртвата и ја уверувала во несреќата, скршеницата, операцијата…

Не поминало долго време пред измамникот да ја убеди пензионерката парите, односно тие 40.000 евра што ги има, да ги подготви во кеса и дека набрзо ќе ги подигне личност од доверба.

– Малку подоцна, 25-годишната државјанка на Северна Македонија со такси возило дошла на адресата на оштетената во областа Дубрава, која навистина ѝ ги предала парите, односно ѝ предала 40.000 евра – велат од загребската полиција, која ја предала измамничката на притворски надзорник со кривична пријава.

– Ги повикуваме граѓаните на зголемена претпазливост кога ги повикуваат непознати лица кои се претставуваат како службени лица, вработени во банка, лекари и слично и се распрашуваат за пари и за финансиската состојба. Полициските службеници никогаш телефонски не ја проверуваат финансиската состојба на граѓаните ниту ги известуваат дека кај себе имаат „лажни пари“. Затоа, ако примите ваков или сличен повик, бидете сомничави! Прекинете го повикот и за тоа веднаш известете го најблиското лице, односно личноста во која имате доверба, како и полицијата на бројот 192. Исто така, ја користиме приликата да потсетиме на обликот на измама кога сторителите, создавајќи привид на ситуација во која е потребна итна медицинска помош на член на семејството, лажно се претставуваат како лекари со цел да украдат пари – апелираат од загрепската полиција.

Поврзани содржини