ЕСКАЛАЦИЈА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Приведени пет лица за едно деноноќие

Полицијата интервенирала во повеќе градови откако биле пријавени закани, физички напади и семејни пресметки.

147

Пет лица се приведени поради семејно насилство во последните 24 часа, додека полицијата евидентирала вкупно седум одвоени случаи низ државата.

Најсериозниот инцидент бил пријавен во Свети Николе, каде 46-годишен маж од село во општина Чашка ѝ се заканувал со остар предмет на својата 45-годишна партнерка. Подоцна, во полициската станица, тој упатувал закани и кон полициски службеник.






Во Неготино биле приведени татко и син, откако во дворот од семејниот дом дошло до пресметка. Синот се обидел да го нападне таткото со остар предмет, а таткото возвратил со дрвен предмет, при што 28-годишникот бил повреден и пренесен во болница во Кавадарци.

Во Скопје, 48-годишен маж пријавил дека неговата поранешна сопруга физички ги нападнала нивните две малолетни деца во дом на подрачјето на Гази Баба. Во друг случај, 26-годишна жена пријавила дека била нападната од невенчаниот сопруг во населбата Драчево.

Во Куманово полицијата привела 34-годишен маж кој го нападнал својот брат на работното место. Одделно, 77-годишник пријавил дека бил нападнат од својот син и снаа со која е во бракоразводна постапка.

Уште еден случај е регистриран во Прилеп, каде 49-годишен маж физички ја нападнал својата 72-годишна мајка во семејниот дом.

За сите случаи е известен јавен обвинител, а полицијата работи на нивно расчистување и најавува соодветни пријави.

Поврзани содржини