БРОЈОТ НА ЛИЦА НАД 80 ГОДИНИ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ОД 22.000 НА 144.000 ВО 2055 ГОДИНА Грижата за стари лица не го следи брзото стареење на нацијата
Ревизорите констатираат дека пензискиот систем се соочува со сериозни предизвици за одржливост, а грижата за старите лица останува недоволно развиена и нефункционална во услови на брзо демографско стареење.
Земјава се наоѓа во еден од најбрзите процеси на демографско стареење во Европа. Таквата состојба упатува на итни системски реформи – вклучително зголемување на возраста за пензионирање, приспособување на стапките на придонеси, ревизија на моделот за усогласување на пензиите, диверзификација на инвестициите во вториот столб, како и зголемување на капацитетите за услуги кон старите лица, предупредува во последниот извештај на Државниот завод а ревизија тема „Стареење на населението“ за периодот 2014 – 2024 година.
Во него се наведуваат низа пропусти кои државата ги направила за да ја сопре демографската структура на населението и да ја подобри состојбата на лицата постари од 65 години.
Ревизорите констатираат дека стратегијата за стари лица е истечена пред повеќе од 5 години, услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од 1% од постарите лица, што упатува на сеопфатни системски реформи, а трансферите од буџетот секоја година растат. Во 2024 година тие изнесувале 690 милиони евра, а во 2025 година овие трансфери се очекува да го надминат наведениот износ.
„Постои ризик од зголемување на социјалната исклученост и дополнително оптоварување на јавните финансии во наредните децении“, се вели во извештајот
Според ревизорите, еден од најголемите ризици е демографската проекција која за нашата држава е негативна, односно предвидува учеството на лицата над 65 години да се искачи на над 34% до 2055 година, бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќе од 6 пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии.
Ревизорите констатираат дека пензискиот систем се соочува со сериозни предизвици за одржливост, а грижата за старите лица останува недоволно развиена и нефункционална во услови на брзо демографско стареење.
Првиот столб на пензискиот систем кој е организиран на солидарна основа континуирано работи со негативно финансиско салдо. Расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива со трансфери од централниот буџет на државата. Инвестициските портфолија, пак, на задолжителните пензиски друштва (втор столб) се високо концентрирани во државни обврзници, што обезбедува стабилност, но ја ограничува заштитата од инфлација и потенцијалот за повисок реален принос.
„Иако пензискиот систем димензиониран во три столба, обезбедува редовна исплата на пензии, неговата фактичка одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси, како и зголемувањата на пензиите кои не се засновани на раст на платите, вработеноста и придонесите. Иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со растечки буџетски трансфери и со одложување на потребните структурни реформи“, стои во извештајот на ДЗР.
Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на буџетските средства во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се движи помеѓу 32,6% и 43,6%.
Во 2024 година трансферите од Централниот буџет достигнуваат околу 690,6 милиони евра. Просечната пензија бележи раст за целиот период, но овој раст се финансира и со буџетските трансфери.
„Во отсуството на навремени и ефективни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4% од БДП во 2057 година што ќе доведе до сериозно оптоварување на Централниот буџет“, се наведува во извештајот.
Ревизорите утврдиле и дека просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година. Учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа.
Главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението. Во последните години се регистрирани драстични намалувања кај децата во прво одделение во однос на родените 6 години претходно. Бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6%, од 22.585 живородени само 14.771 биле матуранти.
Според проекциите на Државниот завод за статистика, уделот на лицата над 65 години ќе се искачи од 19,1% во 2025 на 32,6% во 2050 и 34,2% во 2055 година. Бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од околу 22.000 во 2024 на над 144.000 во 2055 година, додека работоспособното население (15 – 64 години) ќе се намали за приближно 470.000 лица.
Според ревизорите, и системот за грижа за стари лица е недоволно развиен.
Буџетот за социјална заштита од 2019 до 2025 година е зголемен за 68,8%, но растот е главно насочен за исплата на паричните права како што се надоместок за помош и нега од друго лице и социјална пензија.
Социјалната пензија опфаќа 13.230 корисници, но износот е двојно помал од минималната пензија и не ја намалува сиромаштијата.
Ревизорите оценуваат и дека формалните услуги за стари лица се ограничени, помош и нега во домот добиваат околу 3.000 корисници или помалку од еден отсто од 315.000 лица над 65 години и не е достапна во 31 општина во земјата.
Дневните центри имаат капацитет од само 200 лица, а домовите за стари лица располагаат со 2.378 кревети, што во просек е 7 легла на 1.000 жители над 65 години.
„Притоа постојат листи на чекање и нерамномерна географска распределеност (претежно во Скопскиот регион) што е уште еден показател за недоволниот капацитет на овие услуги. Според извршени проекции заклучно со 2024 година околу 63.000 лица над 65 години имаат потреба од долготрајна нега додека до 2050 година овој број ќе порасне на 108.000 лица (за 70%). Поради ова без значително зголемување на капацитетите, товарот ќе падне врз семејствата и неформалниот сектор“, се наведува во извештајот.
Оттаму додаваат дека навремени и координирани структурни реформи би придонеле за намалување на ризиците односно системот за пензиска и социјална заштита да може соодветно да одговори на забрзаното стареење на населението.
Притоа се препорачува зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на координацијата, мониторинг и финансиска одржливост на системот за грижа за стари лица, кои треба да одговорат на демографските предизвици во наредните децении.