МИЛИОНСКИ ПАКЕТ ОД САД ЗА ОДБРАНАТА, ЕНЕРГЕТИКАТА И ВО САЈБЕР-БЕЗБЕДНОСТА Еве што содржи заедничката изјава од Стратешкиот дијалог во Вашингтон

Во заедничката изјава меѓу САД и Македонија е најавен пакет од милионски инвестиции и техничка помош за Македонија, вклучувајќи кибер безбедност, гранична контрола и рударство, со конкретни програми и директна финансиска поддршка, договорени во рамки на Стратешкиот дијалог во Вашингтон.

849

Најмалку 5 милиони долари наменети за кибер капацитети, дополнителни 3,5 милиони за гранична безбедност, како и инвестиција од 5 милиони долари за ископување антимон, додека паралелно се отвораат и нови можности во енергетиката и трговијата. Ова се дел од најавените инвестиции на САД во Македонија објавени во заедничката изјава за Стратешкиот дијалог меѓу двете земји во Вашингтон.

САД најавуваат директна финансиска и техничка поддршка за Македонија во повеќе клучни сектори, вклучително кибер безбедност, одбрана, гранична контрола и рударство, со милионски износи и конкретни програми.






Објавата следи по втората сесија на дијалогот која ја предводеше шефот на македонскакта дипломатија Тимчо Муцунски заедно со колегата, заменик-државен секретар на САД Кристофер Ландау.

Заедничката изјава е достапна на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

5 милиони за копање антимон и за енергетска сигурност

САД ќе поддржат повторно отпочнување на ископувањето на антимон со 5 милиони долари.

„Договорот е израз на заедничката заложба за развој на алтернативни извори на снабдување со критични минерали, кои се од суштинско значење за одржување на конкурентската предност во глобалната економија“, се наведува во заедничката изјава.

Паралелно, се поттикнува и соработката во снабдувањето со природен гас со цел да се зајакне енергетската стабилност.

Кибер безбедност со американска поддршка

САД ќе инвестираат најмалку 5 милиони долари за развој на кибер капацитети. Поддршката ќе се реализира преку програмата FALCON.

„Во рамките на програмата FALCON ќе се спроведе сеопфатна проценка на кибер безбедноста на критичната инфраструктура и на други важни мрежи, за да се идентификуваат слабите страни, како и да се дадат препораки за мерки за нивно надминување и да се обезбедат информации потребни за одлуките на Владата на Северна Македонија за јавни набавки, вклучително и за набавка на производи и услуги од областа на кибер безбедноста од Соединетите Држави и од други доверливи добавувачи“, се наведува во изјавата.

Дополнително, ќе бидат распоредени советници за кибер безбедноста во министерствата за одбрана и дигитална трансформација.

3,5 милиони за одбрана и за гранична контрола

САД најавуваат финансиска поддршка и за безбедносниот сектор. Со средства за модернизација на одбраната.

„Соединетите Држави го поздравија патоказот на Северна Македонија за исполнување на заложбите преземени во рамките на НАТО, а според кој земјата ќе постигне вложување од 5% од нејзиниот БДП во одбраната до 2035 година“, се вели во заедничката изјава.

За граничната безбедност се издвојуваат над 3,5 милиони долари со фокус на борба против криминал и нелегална миграција.

„Соединетите Држави ќе започнат иницијатива за јакнење на активностите на силите за обезбедување на границите засновани на разузнавачки податоци, а во целите на спротивставување на транснационалните криминални организации, недозволената трговија со дрога и заканите поврзани со нерегуларната миграција“, се наведува во изјавата.

Договорена е и соработка за заштита на културното наследство со цел спречување нелегална трговија со артефакти. Паралелно, се отвора пат за полесно патување преку програмата за доверливи патници која ќе овозможи побрза проверка на македонските граѓани.

Вашингтон и Скопје го продлабочуваат партнерството

Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со Заедничката изјава се реафирмира заедничката определба за натамошно продлабочување на стратешкото партнерство и унапредување на мирот, безбедноста и економскиот просперитет.

Во изјавата се нагласува зајакнатата соработка во клучни области, вклучително енергетиката и економијата, одбраната и безбедноста во рамки на НАТО, како и сајбер и дигиталната отпорност. Посебен акцент е ставен на енергетската диверзификација и зголемувањето на сигурноста на снабдувањето со природен гас, како и на унапредувањето на инвестициската клима и трговските односи .

„Двете земји ја потврдуваат заедничката посветеност за зајакнување на одбранбените капацитети и придонесот во рамки на НАТО, како и за поддршка на Украина. Воедно, се предвидуваат конкретни активности за унапредување на сајбер безбедноста, преку техничка помош, проценка на критичната инфраструктура и јакнење на институционалните капацитети“, соопшти Министерството.

Во рамки на работната посета на Вашингтон министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски остварил средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, на која ја реафирмирале заедничката определба за силно и долгорочно партнерство.

САД ВЛОЖУВААТ 5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ВО ОБНОВА НА РУДНИКОТ ЗА АНТИМОН „КОСТОВ ДОЛ“ Австралиската „Пела Глобал“ која има концесија за рудникот истражува и злато сребро и бакар во регионот

Поврзани содржини