„НЕ Е ДЕН САМО ЗА ЗБОРОВИ“ Мицкоски најави мерки за интеграција на Ромите по повод 8 Април

Премиерот порача дека визијата за вистинска инклузија започнува со образование достапно за секое ромско дете и конкретни политики за еднаквост.

114

Образованието достапно за секое ромско дете е основа на визијата за вистинска еднаквост, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод Меѓународниот ден на Ромите.

Тој се обрати на настанот „Од невидливост кон еднаквост – одржлива инклузија и правен идентитет за ромската заедница“, одржан во Собранието на Република Македонија.






Мицкоски истакна дека Светскиот ден на Ромите не е само ден на одбележување, туку потсетување дека вредноста на човечкото достоинство е најважна.

– Ова не е ден само на зборови, туку и на одлуки за визија и храброст. Затоа нашата визија почнува токму тука – со образование што ќе биде достапно за секое ромско дете. Со училишта во кои нема да постои поделба, туку можност. Со систем што не прави разлика, туку отвора врати – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека ромската заедница е дел од историјата, културата и иднината на државата и дека зад секоја статистика стои човек со своја приказна и надеж.

Премиерот посочи дека постојат предизвици и неправди кои траат предолго, поради што, како што рече, потребни се конкретни чекори. Притоа се повика и на мислата на Нелсон Мандела дека образованието е најмоќното оружје за промена на светот.

– Нашата визија почнува со образование достапно за секое ромско дете. Со наставници што ќе препознаваат потенцијал, а не предрасуди. Затоа што секое дете, без разлика каде е родено, има право да сонува големи соништа – истакна премиерот.

Мицкоски потенцира дека интеграцијата значи еднаквост и можност секој човек да ја реализира својата вредност, додавајќи дека Владата работи на конкретни политики.

– Работиме на подобар пристап до образование преку стипендии, поддршка за ученици и студенти и намалување на раното напуштање на училиштата. Работиме и на вклучување на Ромите на пазарот на труд преку мерки за вработување, преквалификација и поддршка на малите бизниси, како и на подобрување на условите за живеење преку инвестиции во инфраструктура и домување – нагласи тој.

Премиерот додаде дека целта е уривање на невидливите бариери и создавање општество во кое никој нема да биде однапред осуден поради тоа што е.

– Ова не се ветувања. Ова се чекори. Конкретни, мерливи и насочени кон една цел – вистинска еднаквост – порача Мицкоски.

Во обраќањето тој ја истакна и важноста на човечкото достоинство, додавајќи дека почитта кон секого треба да биде безусловна. Притоа се повика и на мислата на Мартин Лутер Кинг Џуниор дека неправдата каде било е закана за правдата насекаде.

– Кога ќе ги оттурнеме предрасудите, останува човекот со своите соништа и надежи. Тоа е вредноста која треба да ја браниме – заклучи премиерот.

Поврзани содржини