СДСМ И НАТАМУ ПРОДОЛЖУВА ВО ОНА ШТО Е НАЈДОБАР Растурање пердуви и ширење лаги

ВМРО-ДПМНЕ вели дека опозициската СДСМ продолжува со ширење лаги во врска со кризата со горива и со економијата. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со намалување на ДДВ и акцизите се задржани ниски цени на горивата, посочува пад на инфлацијата, раст на БДП и повисоки плати. Воедно најавува нови законски измени, враќање на долгови и економска стабилност како одговор на кризата.

97

СДСМ на денешната прес-конференција ја продолжија политиката што најдобро ја знаат, а таа е растурање на пердуви во јавноста и ширење на лаги и невистини, реагира ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ наведува неколку аргументи демантирајќи ги ставовите изнесени од СДСМ на прес-конференцијата.






Прво, вели ВМРО-ДПМНЕ, Македонија убедливо има најниска цена на нафтата и нафтените деривати во регионот, и е меѓу првите со најниски цени и во Европа.

„Тоа е поради интервенцијата на Владата во делот на ДДВ-то каде што се намали од 18% на 10% и делот на акцизите каде се намалија цените за дизелот за 4 денари, а бензините за 2 денари. Дополнително, договорен е и дополнителен попуст од 3 денари од ОКТА“.

Второ, се вели во соопштението, Македонија за разлика од порано не е држава која очекува од другите сожалување и помош, туку е држава која нуди стабилност и помош на нашите соседи.

„Не одиме ние во други држави да бараме одредени производи по пониски цени, туку тие доаѓаат кај нас“, истакнува ВМРО-ДПМНЕ.

Како трет аргумент ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека цените на патарините за пратеникот на СДСМ Бочварски и поранешен министер за транспорт, кога беа на власт велеле дека се ниски.

„Така што оваа теза за намалување на цените на патарините, кои од таа изјава на Бочварски до ден денес се исти, паѓа во вода и е контрадикторна“.

Четврто, вели ВМРО-ДПМНЕ, македонската инфлација во времето на кризата поради војната во Украина во Македонија се вивна во дадени периоди и над 20%, а просечна инфлација за 2022 година беше 14,2%.

„Денес, се очекува инфлацијата да биде нешто помеѓу 4-5%, што е за 3 пати помалку, а говориме за криза која според Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија, е полоша и од кризите во 1973, 1979 и 2002 година заедно“, се вели во соопштението.

Петто, порачува ВМРО-ДПМНЕ, Владата направи колективни договори со работниците на кои таа им е работодавач и платите во јавниот сектор се зголемуваат за над 40% до 2028 година, додека некои ќе достигнат и до 60%.

„Шесто, растот на БДП во сите квартали од кога е дојдена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски е над 3%. Што директно докажува дека било каква криза и да има, државата е спремна за истата.

Седмо, следната недела ќе бидат на владина седница дополнувањата и измените на Закон за нефер трговски практики, каде што ќе се зголемат казните за оние кои ќе ги злоупотребат или заобиколат законите, а со единствена цел, заштита на стандардот на граѓаните.

Осмо, годинава враќаме 2,5 милијарди евра долгови, долгови кои власта на СДСМ и ДУИ ги остави затоа што не знаеја како да се справат со економската политика во Македонија, а тоа добро ќе се види и преку јавниот долг, кој за 7 години се зголеми исто, колку од 1991 до 2017 година.

И за крај, кризата се следи секојдневно и одблиску. Не сме ние како СДСМ, кој за време на сите кризи кои се случија во светот, прво нешто што им текнуваше беше криминал и корупција. Ние сме сосема спротивни од тоа што СДСМ го правеше. Со конкретна анализа, аргументи и факти, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се справува со предизвиците“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини