САД ГО НАПАДНАА ОСТРОВОТ ХАРГ, ИЗРАЕЛ УРИВА ЖЕЛЕЗНИЧКИ МОСТОВИ Иран се закани дека ќе напаѓа и подалеку од Блискиот Исток, војната ескалира

Американските сили не ги нападнаа нафтените објекти на островот Харг, туку воените бункери и магацините, како и системите за воздушна одбрана и други воени објекти, вели официјален американски претставник.

2,938

Иранскиот стратешки важен остров Харг е погоден денеска во неколку напади извршени од САД, објавија иранските медиуми, а американските потрврдија.

Овој остров е една од најчувствителните цели во Иран, бидејќи е главниот центар за извоз на нафтата од Иран.






Официјален американски претставник изјави за Ен Би Си Њус дека американската војска нападна десетици воени цели на Харг.

Според него, операцијата вклучувала воздушни напади на северниот дел од островот и не вклучувала американски сили на копно.

– Американските сили не ги нападнаа нафтените објекти на островот, туку воените бункери и магацините, како и системите за воздушна одбрана и други воени објекти – вели изворот на Ен Би Си Њус.

Американскиот претседател Доналд Трамп подолго време покажува интерес за тој остров и нафтата на него.

Експертите предупредуваат дека посериозна штета на островот би го погодила главниот канал преку кој влегува голем дел од девизниот приход на земјата од нафта. Токму затоа најновите напади значат ново ниво на притисок врз Техеран, но и дополнителен ризик за глобалниот пазар на нафта.

Речиси целиот извоз на нафта на Иран поминува низ островот. Островот е исто така клучен бидејќи длабокото море околу него овозможува пристанување на големи танкери, што поголемиот дел од крајбрежјето на Иран го нема.

Трамп најави дека доколку Иран не се согласи да го отвори Ормускиот Теснец, тој ќе нареди напади врз иранските електрани и мостови. Иранската војска жестоко одговори на неговите закани, наведувајќи дека ќе нападне цели и подалеку од Блискиот Исток.

„Техеран нема да се двоуми да возврати со иста мера во случај на напад на САД врз цивилни објекти. Ќе одговориме со удар врз американската инфраструктура и инфраструктурата на нивните партнери, што ќе ги остави нив и нивните сојузници без нафта и без гас од регионот со години“, се вели во соопштението на Иранската револуционерна гарда.

Американските лидери, се додава, не можат ни да проценат кои клучни средства би ги таргетирале нашите борци во случај на напад врз нашата инфраструктура.

„Доколку американската војска ги премине нашите црвени линии, нашиот одговор ќе се прошири надвор од регионот“, соопшти ИРЦГ.

Иранските медиуми попладнево јавија дека гувернерот на Машхад наредил итно суспендирање на сите железнички услуги од главната железничка станица во Техеран.

Според новинската агенција Мехр, сите закажани возови се откажани и мерката ќе остане на сила „до понатамошно известување“.

Одлуката доаѓа откако Израел ги предупреди иранските цивили да избегнуваат железнички услуги, а попладнево нападите почнаа.

Агенцијата Мехр објави дека железничкиот мост Јахја Абад во градот Кашан, во централниот дел од земјата, бил погоден во израелски напад.

Агенцијата, повикувајќи се на заменик-гувернерот на Исфахан, наведува дека во нападот биле убиени две лица.

Поврзани содржини