НОВА КРИВИЧНА ЗА ЕКС-ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ФАТМИР ДЕХАРИ Буџетот на Кичево е оштетен за 1,6 милиони евра

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, поради сомнежи за злоупотреба при договор за јавно-приватно партнерство вреден околу 1,6 милиони евра.

151

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, поради сомнежи за злоупотреба на службената положба поврзана со проект за улично осветлување. Пријава е поднесена и против уште едно лице од општинската администрација.

Според информациите од полицијата, Дехари во периодот од април 2021 до ноември 2025 година, како градоначалник, презел повеќе дејствија при подготовка и спроведување на договор за јавно-приватно партнерство за модернизација на уличното осветлување во Кичево. Станува збор за договор потпишан во ноември 2021 година со конзорциум од три компании – две од Кичево и една од Гостивар.






Истрагата покажала дека при постапката биле прекршени одредби од законите за јавни набавки и за јавно-приватно партнерство, а договорот бил доделен на лица блиски до првопријавениот, со намера да се стекне имотна корист.

Според полицијата, со ваквите постапки е предизвикана штета на буџетот на Општина Кичево од околу 1,62 милиони евра, што одговара на исплатените месечни ануитети кон приватниот конзорциум до моментот на поднесување на пријавата.

Кривична пријава е поднесена и против второ лице, вработено во општинската администрација како раководител на секторот за финансии. Тој бил претседател на комисијата за спроведување на постапката за јавно-приватно партнерство и член на комисијата за следење на договорот. Според полицијата, во периодот од 2021 до 2025 година не извршил соодветен надзор и со тоа овозможил штета на општинскиот буџет.

По целосното расчистување на случајот, предметот е доставен до надлежното обвинителство.

Поврзани содржини