ШЕСТ МОДЕРНИ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ ВО „МАЈКА ТЕРЕЗА“ Мицкоски најави уште нови четири и нов проект во „8 Септември“

Реконструкцијата на десет операциони сали вредна 282 милиони денари се реализира во две фази без прекин на здравствените услуги.

165

На Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје денеска беа пуштени во употреба шест операциони сали како дел од проектот за реконструкција на вкупно десет сали, со вкупна вредност од 282 милиони денари. Реконструираните сали се на Одделот за трауматологија при клиниката за ТОАРИЛУЦ, две на Клиниката за урологија и две на Клиниката за детска хирургија.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџановски, изјави дека со реконструкцијата ќе се добие оперативен блок според светски стандарди, што ќе овозможи подобри услови за работа на медицинскиот кадар.






– Ќе добиеме оперативен блок со светски стандарди така што нашите млади доктори специјализанти кои ги праќаме на обука во странство ќе може да работат во истите услови во кои работат светските доктори. Тоа значи дека се качуваме со новите методи, апаратури и оперативни сали на ниво на светската мапа на здравствениот систем – изјави Мерџановски.

Тој посочи дека реконструкцијата се реализира во две фази со цел да не се прекине пружањето на здравствена заштита во терцијарното здравство и да не се создаде дополнителен притисок врз листите за чекање.

На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за здравство Азир Алиу, кои најавија дека во наредните месеци ќе бидат пуштени и преостанатите четири операциони сали.

– За неколку месеци отсега треба да бидат пуштени уште четири сали така што го закружуваме процесот од 10 современи модерни операциони сали. Од почетокот на летото се надевам дека ќе бидеме во можност да видиме уште еден завршен проект во болницата „8 Септември“, каде исто така ќе имаме модерни сали и со тоа ќе бидеме практично држава број еден во регионот кога станува збор за ваков тип на операциони сали. Во здравството има многу работи што треба да се прават, но потребни се и фундаментални промени како во менталитетот на политичарите, така и во менталитетот на вработените. Здравството е еден од врвните приоритети на Владата – рече Мицкоски.

Поврзани содржини