ИЗЈАСНЕТЕ СЕ КАЈ МАТИЧНИОТ ЛЕКАР ДЕКА БИ ДОНИРАЛЕ ОРГАНИ ВО СЛУЧАЈ НА МОЗОЧНА СМРТ Ќе им олесните на семејствата и ќе спасите нечиј живот
Нашите стремежи се насочени кон повеќе кадаверични трансплантации, трансплантации од починат донор, за кои за да се изведат е неопходна согласност од семејството на починатиот, националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска во интервју за порталот Република.
Нема повисок, похуман и поблагороден чин после смртта да се даруваат органи кои ќе спасат животи. Проблемот со малиот број трансплантации во Македонија е културолошки, социолошки и делумно информативен, вели во интервју за „Република“ националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.
Со измените на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување се предвидува регистер на донори, односно секој би можел својата волја за дарување на органите да ја искаже кај својот матичен лекар, а во делот на дарување на органи од жив дарител, можноста се проширува до четврто роднинско колено, што значи дека први братучеди ќе може да даруваат органи.
Како најпозитивен пример во последната година Кузмановска ја издвојува соработката со реномираниот Универзитет „Дјук“ од САД. Благодарејќи на нивната експертиза, нашите офталмолози почнаа со трансплантација на рожница, нешто што е работено во Македонија пред неколку децении, но запрено. Од ноември лани до март годинава изведени се 25 трансплантации.
Има кадар, нема доволно донори
Според Кузмановска, состојбата во Македонија со трансплантација на органи е состојба на земји кои се наоѓаат во фаза на развој на системот за трансплантација.
– Имаме едуцирани медицински кадри кои се спремни во секое време да трансплантираат, имаме едуцирани и активни координатори кои се постојано активни во препознавање и обработка на потенцијални донори починати од мозочна смрт, имаме континуитет во трансплантации од жив донор на бубрег, и веќе воспоставена трансплантација на очни рожници со ткива набавени од банки за рожници. Значи системот е жив и функционира. Но, нашите стремежи се насочени кон повеќе кадаверични трансплантации, трансплантации од починат донор, за кои за да се изведат е неопходна согласност од семејството на починатиот – вели таа.
Најмногу донори имаат Шпанија, Хрватска, Словенија, потоа другите западноевропски земји, додека таа бројка е помала во источноевропските земји и земјите во нашиот регион, Балкан, освен Хрватска и Словенија.
– Еден донор може да спаси повеќе животи, зависно од тоа кои органи се погодни за трансплантација. Не секогаш од еден донор се трансплантираат ист број на органи. Пред секоја трансплантација се прават детални медицински прегледи и евалуации дали органот е погоден за трансплантација – додава таа.
Мора да се крене свеста за донирањето органи
За тоа зошто Македонија има мал број органодонори, Кузмановска вели:
– Мислам дека проблемот е културолошки, социолошки и делумно информативен. Нема религиозни забрани за трансплантација од страна на големите религиозни заедници во Македонија. Повеќе би рекла дека е сѐ уште недоволно развиена свест за значењето на органодарителство после смртта на индивидуата и можеби недоволна информираност. Секако, мора да се земе предвид дека е присутен и психолошки момент, семејството е во интензивен стрес кога губи свој близок, и таа одлука не е лесна за нив. Тоа е разбирливо и никако не смееме да ги осудиме тие кои одбиле донација, туку да се стремиме кон поширока присутност на темата, така што ќе се чувствуваат посигурни при носење на одлуката за дарување. Од нашето искуство, најмногу влијае ако веќе починатиот некогаш изјавил желба да биде орган донор, тогаш се одлучуваат на донирање, но ако не ја знаат волјата на починатиот, а самите не размислувале на таа тема, многу потешко се доаѓа до согласност.
Со измените на Законот се планира да се воведе можност луѓето во текот на својот живот да ја искажат својата волја за дарување органи после евентуална мозочна смрт.
– Морам да нагласам дека орган донор е починат само од мозочна смрт во услови на интензивно лекување, а не секој починат. Својата волја би можел да ја искаже кај својот матичен лекар и да влезе во регистар на донори. Секако, со можност да ја повлече својата изјава ако се предомисли. На тој начин ќе се почитува волјата на индивидуата. Но, останува и претпоставената согласност, како во актуелниот закон, значи ако починатиот не се регистрирал сам, мора да се добие согласност од семејството – додава Кузмановска.
Воспоставениот регистар, според неа, ќе го намали емотивниот товар врз семејствата за донесување одлука за дарување органи.
Каква е процедурата?
Процесот е многу сложен и започнува со следење на пациенти примени во интензивна нега со тешко оштетување на мозокот.
– Ако се посомневаме дека настанала мозочна смрт, значи отсуство на циркулација во целиот мозок, се пристапува кон изведување на медицински тестирања кои се пропишани со закон. Откако тестовите ќе потврдат мозочна смрт, го информираме Министерството за здравство, кое составува тричлена комисија од доктори кои ја потврдуваат смртта. Потоа пристапуваме кон разговор со семејството. Ако имаме согласност, се собираат сите екипи, се разгледуваат медицински потенцијалните приматели, според ХЛА типизација, која се изведува на Институтот за трансфузиологија, и се одбираат оние кои имаат најголема имунолошка компатибилност со донорот. Се повикуваат примателите, се подготвуваат за операција, и започнуваат операциите, паралелно во повеќе операциони сали. Се оперира најчесто во ноќните часови, бидејќи донорот не може долго да се одржува. На крај на операциите, се подготвува медицинската документација за секоја трансплантација и се внесува во Мој Термин – вели Кузмановска.
Таа вели дека не може да каже точно колку животи се губат поради недостиг на донори, бидејќи дел од пациентите кои се на листа на чекање може да починат од причина која е неповрзана со болеста поради која се на листа за добивање орган.