ОБИДИТЕ ДА МЕ ПРЕТСТАВАТ КАКО „ПРЕДАВНИК“ СЕ НЕОСНОВАНИ, НАВРЕДЛИВИ И ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНИ Министерот Љутков им одговори на синдикалците во културата

Доколку дојде до поништување на Колективниот договор, тоа ќе биде директна и неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционален притисок од страна на раководството на СКРМ.

681

Раководството на СКРМ веќе подолг период свесно и тенденциозно пласира неточни информации во јавноста, со јасна намера да создаде погрешна слика дека јас, како министер за култура, делувам против интересите на културните работници. Ваквиот пристап е неодговорен и претставува обид за манипулација на јавноста и инструментализирање на културниот сектор за политички цели, се вели во отвореното писмо на министерот за култура Зоран Љутков објавено на неговиот профил на Фејсбук.

Претходно Синдикатот на културата на Република Македонија упати тешки обвинувања кон министерот за култура и туризам Зоран Љутков, тврдејќи дека зад затворени врати работел против Колективниот договор за култура, иако во јавноста настапувал како негов бранител.






Во соопштението, СКРМ наведува дека на 131-та седница на Владата биле доставени пресметки за плати, судски одлуки, листи на предмети и други материјали, со, како што тврди синдикатот, цел да се дискредитира Колективниот договор за култура и тој да се прикаже како незаконски и неуставен. СКРМ оценува дека ваквиот пристап претставува двојна улога на министерот и обид за избегнување одговорност, наместо заштита на правата на културните работници.

Во својот одговор министерот Љутков порачува:

„Во ниту еден момент не сум ги довел во прашање правата на културните работници. Напротив, континуирано и активно се залагам за реален, а не декларативен социјален дијалог. Тоа е потврдено преку бројни иницијативи за состаноци и отворена комуникација, кои од страна на СКРМ често се игнорираат или одбиваат.

Фактот што колективниот договор е истечен веќе четири години е сериозен институционален проблем. Овој застој не е резултат на недостиг на волја од моја страна, туку на однесувањето на раководството на СКРМ, кое наместо конструктивен дијалог, избра конфронтација и создавање на кризи.

Дополнително, нивното јавно пласирање информации поврзани со судски процеси пред тие да бидат донесени претставува сериозен обид за притисок врз независноста на судството и создава неприфатлив преседан.

Поднесените иницијативи пред Уставниот суд се дел од демократскиот и институционален процес. Уставниот суд е единствен надлежен да ја оценува уставноста на правните акти, а не синдикалните раководства кои се обидуваат да преземат таква улога.

Доколку дојде до поништување на Колективниот договор, тоа ќе биде директна и неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционален притисок од страна на раководството на СКРМ. Јас лично се надевам дека до таков исход нема да дојде, но фактите јасно покажуваат дека Колективниот договор повеќепати е оспоруван пред Уставниот суд како директен резултат на нивниот пристап, кој наместо решение, произведува блокади и нови проблеми.

Синдикалните организации мора да се вратат на својата основна функција заштита на правата на работниците и да се воздржат од политичко делување, притисоци врз институции и мешање во процеси кои не се во нивна надлежност.

Обидите моето институционално делување да се претстави како „предавство“ се неосновани, навредливи и политички мотивирани. Вистински проблем претставува токму користењето на културните работници како инструмент за лични и политички пресметки.

Културните работници не смеат да бидат заложници на раководство кое наместо да работи во нивен интерес, систематски шири дезинформации, создава поделби и ја попречува можноста за конструктивни решенија.

Прашањето за финансиските импликации не е негирање на права, туку прашање на одговорно и одржливо управување со јавните финансии. Секој колективен договор мора да биде реален, спроведлив и во согласност со буџетските можности.

Зголемениот буџет за култура е конкретен доказ за мојата посветеност како министер кон подобрување на условите во културниот сектор, преку мерки и политики, а не преку празни декларации.

Потребно е враќање на професионалниот дијалог и прекин на политичките манипулации. Културата заслужува стабилност, институционална зрелост и партнерство, а не притисоци и лажни наративи“ – се вели во објавата на министерот Љутков.

Поврзани содржини