АНТИВОЕНИ ПРОТЕСТИ ВО ТЕЛ АВИВ „Не бомбардирајте! Зборувајте!“

Тука сме да побараме крај на војната во Иран, на војната во Либан, на војната во Газа што продолжува и да се прекинат масакрите на Западниот брег – изјави еден од организаторите.

655

Повеќе од илјада луѓе протестираа во саботата вечерта во Тел Авив против војната на Израел против Иран и против движењето Хезболах во Либан, повикувајќи ги властите да ја прекинат, пред да бидат растерани од полицијата.

„Не бомбардирајте! Зборувајте!“ – извикуваа демонстрантите кои се собраа во центарот на метрополата. Една жена држеше транспарент на кој пишуваше: „Нетанјаху е најголемата закана за постоењето на Израел“ – јави агенцијата Франс прес.






Кратко по почетокот на протестот во Тел Авив во 16:00 часот по Гринич, изрелската полицијата, која ги одобри собирањата на до 150 луѓе во име на безбедносни мерки поврзани со војната, ги потисна демонстрантите, од кои некои се вратија на местото на настанот или седнаа на земја.

– Полицијата се обидува да ги замолчи нашите гласови, но наша должност е да бидеме тука. Тука сме да побараме крај на војната во Иран, на војната во Либан, на војната во Газа што продолжува и да се прекинат масакрите на Западниот брег – изјави за Франс прес Алон-Ли Грин, ко-директор на организацијата „Стендинг тугедр“, израелско-палестинската група што ги организираше демонстрациите.

– Јас сум против војната затоа што сум многу скептична кон причините што ги наведе премиерот – рече 62-годишната Сесил, која одби да го каже своето презиме.

Израелската војска во саботата објави дека еден од нејзините војници е убиен во борбите во јужен Либан. Со тоа бројот израелски војници кои загинаа во јужен Либан од 2-ри март се искачи на 11.

Блискиот исток пламна во војна од 28 февруари по ненадејните американско-израелски напади врз Иран, кој возврати со одмазднички удари врз американските бази во земјите во регионот и врз Израел. Либанското шиитско движење Хезболах влезе во војната на 2 март по речиси шестмесечните израелски напади врз неговите челници и позици во Либан со што Израел го наруши ланското примирје. Израел одговори со воздушни напади низ Либан и проширување на окупацијата во јужен Либан со уништување на куќите и мостовите во областа каде претежно живее шиитско и христијанско население.

Поврзани содржини