ГОРИВА ИМА ДОВОЛНО, СОСТОЈБАТА Е СТАБИЛНА Мицкоски убедува дека струјата нема да поскапи

Премиерот рече дека Македонија е единствена земја во регионот која оваа недела ги намали цените на горивата кои се и најниски во регионот.

42

Ние сме единствена држава што ги намали цените на горивата, единствена држава во регионот и можеби најдобра во Европа што се однесува до цените на нафтата и нафтените деривати. Од аспект на количини, граѓаните да бидат спокојни, има доволно. Ситуацијата ќе ја следиме и во зависност од неа така ќе реагираме, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека предизвици од глобалната состојба со енергенсите ќе има, но  Владата ќе ги согледува навреме и исто така ќе реагира. Апелира да не се создава паника, оти, како што вели, има доволно количини горива во земјата.






– Состојбата е под контрола, за разлика од некои минати времиња кога паниката, неспособноста, криминалот и корупцијата беа второ име на некои претходни влади – рече Мицкоски.

Тој подвлече дека Македонија е единствена земја во регионот која оваа недела ги намали цените на горивата кои се најниски во регионот.

– Тоа значи дека ако кај нас безоловниот се движи од 1,33 евроцент за литар до 1,39 евроцент за литар 95- или 98-октански бензин и ако дизелот е некаде околу 1,5 евроцент, да речеме во соседна Албанија и Грција е над 2 евра, во соседна Србија од 1,8 до над 2 евра. Во Косово исто така. Во Германија веќе имаме и до три евра за литар бензин, што е случај и во другите европски земји. Со други зборови, во овој прв месец во историски најголемата нафтена криза по онаа од 1973 година, односно од седумдесеттите години на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овие предизвици – рече Мицкоски.

Тој уверува дека во овој момент состојбата е стабилна и не гледа апсолутно никаква причина за страв од немање енергенти, воведување какви кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати.

– Што ќе се случува за месец, два, три, пет – не знаеме. Можеме да претпоставиме, да собираме информации, да анализираме и да носиме одлуки. Предизвици ќе има, тоа не зависи од нас, зависи од други фактори во светот, но ние како Влада ќе реагираме исклучиво во интерес на граѓаните – рече Мицкоски.

Во врска со тоа дали Владата ќе ја продолжи мерката за намалување на ДДВ за горивата, тој истакна дека ќе се следат состојбите и оти тоа ќе го направат ако цените почнат да растат.

– Доколку видиме дека ќе имаме зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш апсолутно дека ќе ја продолжиме таа мерка сè додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и ќе ја продолжиме повторно мерката и ако повторно ескалира, имаме уште алатки на располагање. Се разбира, акцизите, тука се и акцизите што ни стојат сè уште на располагање – рече премиерот.

Добро, во случајот, според него, е тоа што утрово цената на суровата нафта е намалена на стотина долари за барел.

– Значи, имаме благо намалување. Ќе видиме до петок како ќе се одвива сè тоа, па на крајот на краиштата, в петок, кога ќе заврши тргувањето, ќе можеме да знаеме приближно која ќе биде цената што в понеделник Регулаторната комисија би ја донела и врз основа на тоа ќе носиме одлука за време на викендот и ако треба, в недела ќе свикаме вонредна седница на Владата и тоа ќе го направиме – појасни Мицкоски.

Тој појасни дека ЕСМ има на располагање речиси 3.200 тони мазут, кои државата ги ставила на располагање уште од минатата година.

– Може да ги користат, има доволно. Видете, јас на дневна основа не знам дали се повлечени, но може кога сакаат да ги повлечат доколку имаат потреба, се разбира. Тоа е поврзано со мазутот од аспект на функционирањето на производните капацитети. Тие функционираат. Акумулациите се на некаде приближно над четириесет проценти, што за оваа годината е, да речеме, најмалку двојно повеќе од некои минати времиња. Сега почна и сезоната за наводнување од приближно првата половина на април. Имаме доволно количина вода и за производство на електрична енергија и за земјоделците за наводнување. Деновиве, во одредени моменти од денот, ЕСМ дури продава на берзи и заработува приближно од 100 до 150 илјади евра на ден. Нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните, така што целата состојба е под апсолутна контрола – рече Мицкоски.

Поврзани содржини