ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ИЗВЕДЕНА ПРВА ЕПИДУРАЛНА АТХЕЗИОЛИЗА КАЈ ПАЦИЕНТ СО ХРОНИЧНА БОЛКА Болницата го прошири спектарот на современи методи за лекување на хронична болка во ‘рбетот

По интервенцијата се очекува намалување на болката, подобрување на движењето, помала потреба од лекови против болка и подобрување на квалитетот на животот.

359

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за првпат е изведена процедура епидурална атхезиолиза (епидуролиза) кај пациент со долготрајна болка во долниот дел на грбот која се ширела кон ногата. Интервенцијата ја изведе доц. д-р Дарко Саздов, специјалист по анестезиологија и интензивно лекување.

Епидуралната атхезиолиза е современа, минимално инвазивна процедура која се користи за лекување на хронична болка во ‘рбетот, особено кога другите терапии не даваат доволни резултати. Таа им помага на пациентите кои се соочуваат со долготрајна болка во долниот дел на грбот, болка што се шири по нервите кон ногата, лузни и прираснувања околу нервите во ‘рбетот, болка што продолжува и по операција на ‘рбетот.






За време на интервенцијата, лекарот со помош на специјална игла и тенок катетер пристапува до епидуралниот простор во долниот дел на ‘рбетот. Со оваа техника се ослободуваат прираснувањата околу нервите и се аплицираат лекови директно на местото каде што настанува болката, со цел да се намали воспалението и притисокот врз нервите. Процедурата поминала без компликации, а катетерот успешно бил поставен до потребното ниво на ‘рбетот.

По интервенцијата се очекува намалување на болката, подобрување на движењето, помала потреба од лекови против болка и подобрување на квалитетот на животот. Ефектот од третманот ќе се следи преку контролни прегледи.

Со воведувањето на оваа процедура, „Аџибадем Систина“ го проширува спектарот на современи методи за лекување на хронична болка во ‘рбетот, овозможувајќи им на пациентите пристап до напредни и минимално инвазивни терапии.

Поврзани содржини