РАКОМЕТАРИТЕ ОД ОХРИД ГО ПОБЕДИЈА ОЛИМПИЈАКОС ВО АТИНА Реваншот е за 6 дена на домашен терен

Реванш натпреварот во Охрид ќе се одигра следната сабота на 4 април во 18 часот во СРЦ „Билјанини извори“.

219

Задоволство од победата, но и одличната игра, изразија тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ, капитенот Гоце Ојлески и голманот Кристијан Пилиповиќ, веднаш по завршувањето на првиот четвртфинален натпревар од ЕХФ Европскиот куп во Атина. Сепак посочија дека ништо не е завршено и потребна е добра игра и на реваншот за шест дена на домашен терен.

Ракометарите на Охрид со предност од пет разлика си заминуваат од Атина, откако со 31-26 го совладаа домаќинот Олимпијакос, кој на натпреварот имаше играч плус – нивните навивачи кои 60 минути без прекин во еден глас ги бодреа „црвено-белите“.






– Сигурно сум задоволен, Олимпијакос има сјаен тим, како што реков и вчера, можеби е нивниот најдобар тим во последните десет години. Да се победи на ваков „жежок“ терен со пет разлика е навистина добро, меѓутоа не е готово. Сега ќе бидеме под притисок и на домашен терен и поради резултатот, така што треба да се „спуштиме на земја“ да се подготвиме за добар натпревар и вака да одиграме и дома – рече Ројевиќ во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа што Охрид во текот на целиот натпревар ја задржа предноста, тренерот вели дека тоа не го очекувале, но сепак нагласи дека „секогаш верува во победа“ и дека никој не е непобедлив, но и дека има тим од „сјајни момци“.

– Честитки за мојата екипа и за моите момци. Навистина одигравме одличен натпревар. Сите го дадовме својот максимум и мислам дека денеска заслужено победивме, меѓутоа морам да кажам дека сè уште ништо не е завршено и не е готово. Имаме реванш во Охрид за шест дена и мора иста игра да пружиме и таму ако сакаме да се пласираме во полуфиналето – посочи за МИА капитенот Ојлески.

Голманот Кристијан Пилиповиќ имаше 16 одбрани, бројка која ни самиот не ја знаеше веднаш по натпреварот и како што низ смеа рече ќе треба да се провери статистиката.

– Многу сум горд како влеговме во овој двомеч. Олимпијакос е многу многу сериозна екипа, влеговме без респект, верувавме во нас и тоа го покажавме. Но не е ништо завршено. Имаме уште 60 минути се може да се случи, но потребни ни се навивачи во сала и да одиме во полуфинале – истакна Пилиповиќ.

По заслужената победа сред Атина, следеше славење во соблекувалната.

Натпреварот во спортската сала „Јанис Котакис“ во атинската населба Илиуполи, која не беше целосно исполнета, помина без никакви проблеми, групата од околу 100 навивачи на Олимпијакос генерално фер и спортски го бодреа нивниот тим, иако одвреме навреме не изостанаа и исвиркувања до гостите од Охрид, особено кога имаа напад или седмерец.

На натпреварот во Атина немаше македонски навивачи, исто како што на натпреварот во Охрид нема да има навивачи на грчкиот клуб, со оглед на тоа што двете екипи се договорија да не вршат продажба на билети на гостински навивачи.

Реванш натпреварот во Охрид ќе се одигра следната сабота на 4 април во 18 часот во СРЦ „Билјанини извори“.

Поврзани содржини