СО ЧАТ ГПТ НАПРАВИЛ НОВА ВАКЦИНА ЗА КУЧЕТО БОЛНО ОД РАК Туморот на Роузи се намалил за 75%!
Кучето Роузи имало напреден рак и ветеринарите му давале уште неколку месеци живот. Неговиот сопственик, инженер за вештачка интелигенција од Сиднеј, со помош на Чат ГПТ и генетска анализа создаде персонализирана мРНА вакцина што го намали туморот за околу 75 проценти.
Технолошки претприемач од Сиднеј реши да не ја прифати мрачната прогноза на ветеринарите. Наместо тоа, со помош на вештачка интелигенција и генетска анализа, тој разви персонализирана мРНА вакцина против рак за своето куче.
Кога ветеринарите му рекле на Пол Конингам дека неговото спасено куче Роузи има уште неколку месеци живот, тој одбил да се помири со прогнозата.
Конингам е научник за податоци и инженер за машинско учење со 17 години искуство. Но немал никакво формално знаење од биологија.
Наместо да се откаже, се свртел кон алатките за вештачка интелигенција. Во целиот процес користел и ЧатГПТ.
На Роузи ѝ бил дијагностициран напреден рак на мастоцити во 2024 година. Хемотерапијата го забавила ширењето на болеста, но не успеала да ги намали туморите.
Од тумор до генетски податоци
Конингам решил да го анализира ракот на генетско ниво. Тој потрошил околу 3.000 долари за секвенционирање на здравата ДНК и на ДНК заразена со тумор на Роузи на Универзитетот во Нов Јужен Велс.
Потоа користел алатки за вештачка интелигенција, меѓу нив и AlphaFold. Со нив ги анализирал мутациите што го предизвикуваат ракот.
– Го зедовме нејзиниот тумор, ја секвенциониравме ДНК-та и ја претворивме од ткиво во податоци. Така го пронајдовме проблемот во нејзината ДНК и развивме лек врз основа на тоа – изјави Конингам за австралиското шоу „Тудеј“.
Тој додаде дека ЧатГПT помогнал во текот на целиот процес.
Првата персонализирана вакцина за куче
Кога фармацевтска компанија одбила да обезбеди лек за имунотерапија, Конингам нашол друго решение.
Во соработка со Институтот за РНК на Универзитетот во Нов Јужен Велс била создадена персонализирана мРНА вакцина врз основа на формула генерирана со вештачка интелигенција.
Помалку од два месеци по финализирањето на секвенцата, Роузи ја примила првата инјекција.
До средината на март туморот на нејзината нога, со големина на тениско топче, се намалил за околу 75 проценти.
Од рак до трчање по зајаци
Конингам раскажа дека состојбата на Роузи драматично се подобрила.
– На почетокот на декември нејзината подвижност беше многу намалена и изгледаше тажно. А кон крајот на јануари веќе скокаше преку ограда за да брка зајаци – изјави тој за „The Australian“.
Може ли ова да помогне и на луѓето? Научниците од Универзитетот во Нов Јужен Велс велат дека ова е првата персонализирана вакцина против рак создадена за куче.
Директорот на Центарот за геномика „Рамачиоти“, Мартин Смит, вели дека откритието отвора нови прашања.
– Ако можеме да го направиме ова за куче, зошто да не го примениме и кај луѓето со рак – рече тој.
Директорот на Институтот за РНК, Пал Тордарсон, смета дека случајот покажува колку брзо се менува медицината.
– Ова покажува дека технологијата го демократизира целиот процес. Дури и луѓе без биолошка обука можат да помогнат во создавање нови терапии – изјави тој.