САНЧЕЗ ПРЕДЛАГА ДА СЕ УКИНЕ ВЕТОТО ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Русија и САД се две сили кои носат многу нестабилност во светот
Да се биде сојузник на Соединетите Американски Држави не значи да се согласиме со сè, вели премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
Премиерот на Шпанија Педро Санчез брани ставот „без војна“ на неговата влада како принципиелна позиција, а не како политички опортунизам. Во интервју за Ел Диарио, Санчез зборуваше за конзистентноста на неговата надворешна политика и ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Кога рековме „не на војната“, имаше бран гордост што сме Шпанци, не само во нашата земја, туку и во многу општества низ планетата – вели шпанскиот премиер.
На прашање дали е загрижен од одмазда на американскиот претседател Доналд Трамп против Шпанија, Санчез одговори негативно.
– Ставот на Шпанија беше конзистентен во текот на сите војни што ги доживеавме во последните 5 години: Путиновата во Украина, онаа во Газа… Заштитата на меѓународното право е конзистентен став на шпанската влада – вели тој.
Второ, додава, ние припаѓаме на Европската Унија, а Европската комисија беше многу јасна по ова прашање.
– И конечно, мислам дека принудата не е начин. Да се биде сојузник на Соединетите Американски Држави не значи да се согласиме со сè – рече Санчез.
Тој додаде дека во рамките на Европската Унија немало заеднички став, како во случајот со Украина, но дека Шпанија секогаш го задржала истиот став.
– Тоа е став на конзистентност. Некои европски влади го променија својот став во последните денови. Голем дел од европското општество и јавното мислење е против војна што нема да донесе ништо добро и што нè враќа во 2003 година, кога се водеше војната во Ирак – вели премиерот на Шпанија.
Ќе има политички проекти што ја бранат војната во Иран, но мислам дека тие не научиле ништо и продолжуваат да прават грешки во сè, додаде тој.
На опозицијата, која го обвинува за неговото „не на војната“ како изборен трик, Санчез им порача дека војната не ја предизвикала Шпанија.
– Тоа беше војна што еднострано ја започнаа две нации – рече тој.
Понатаму, ние сме доследни на надворешната политика што ја водиме речиси 8 години на власт, додаде.
– Нема да ја решиме ситуацијата со нестабилност на Блискиот Исток со таква очигледна незаконитост – посочи Санчез.
Според него, тешко е да се предвиди колку долго може да трае оваа војната.
– Вчера го слушнавме претседателот на САД како вели дека не останало многу од војната. Нека заврши оваа војна што е можно поскоро – порача.
Прашан за изјавата на Урсула фон дер Лајен дека на Европа ѝ е потребна пореална надворешна политика и дека не може да се потпира на систем базиран на правила, Санчез вели дека Шпанија може да се согласи со некои елементи од нејзиниот говор, како што е трговската политика, но дека се чувствува „многу поудобно со пристапот што го предложи претседателот на Советот, Антонио Кошта“.
– Светот од вчера е свет без правила. Дилемата не е стариот поредок наспроти новиот поредок, туку меѓународниот поредок наспроти меѓународниот неред, кој нè доведе до две светски војни. Светот се менува, но вредностите и принципите на ЕУ не треба да се менуваат – рече тој.
Санчез се залага да се укине правото на вето во Обединетите нации.
– Двете постојани членки на Советот за безбедност Русија и САД во моментов се две сили кои носат многу нестабилност во светот со војните во Украина и во Иран. Ако го реформираме системот на Обединетите нации, ќе мора да вклучиме големи нации како Индија, африканскиот континент, Кина или Бразил, со многу поширока застапеност – рече тој.
На прашањето дали САД сè уште се сојузник со оглед на заканите за анексија на Гренланд, Санчез одговори дека зајакнувањето на трансатлантските односи сега вклучува зајакнување на европскиот столб: економски раст, безбедност и заедничка одбрана.
– САД веќе јасно ставија до знаење дека европската безбедност мора да падне на грбот на Европејците – додаде.
Како пример, тој го наведува противењето на Шпанија за издвојувањето 5% од БДП за одбрана.
– Зошто? Затоа што тоа нема да ја стимулира или зајакне европската одбранбена индустрија, туку ќе нè направи многу позависни од американската индустрија – рече Санчез.
Тој верува дека наместо зголемување на воениот буџет, потребна е поголема координација и ефикасност во трошењето за одбрана. Според него, Европа мора да се фокусира на создавање богатство и справување со задачи како што се унијата на пазарите на капитал и единствените енергетски и дигитални пазари.
Санчез, исто така, се спротивставува на планот на Франција за зголемување на својот нуклеарен арсенал.
– Не сакаме понуклеарен свет, не сакаме нуклеаризирана Европа. Затоа, нема да учествуваме во овој проект – вели шпанскиот премиер.