ТРИ ДЕНА ВО КОЧАНИ ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ГОДИШНИНАТА ОД ТРАГИЧНИОТ ПОЖАР ВО „ПУЛС“ Ќе дојдат медицински работници од 19 држави во Европа

Градоначалникот ВлаткоГрозданов упати препорака до јавниот и до приватниот сектор во градот да ги ослободат вработените од работните обврски, за да може сите заедно на достоинствен начин да им оддадат почит на 63-те жртви во пожарот што се случи минатата година на 16 март, во дискотеката „Пулс“.

285

Претставници од 31 медицинска установа од 19 држави од Европа ќе присуствуваат на одбележувањето на првата годишнина од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, беше најавено денеска на прес-конференцијата на Организацискиот одбор и градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов.

Градоначалникот Грозданов апелираше до граѓаните во текот на тридневното одбележување на најголемата трагедија на Кочани во која загинаа 63 луѓе да се воздржат од излегување на улица со автомобил, со цел странските делегации да можат слободно да се движат низ градот. Тој нагласи дека полициски службеници ќе го регулираат сообраќајниот режим.






Грозданов упати препорака до јавниот и до приватниот сектор во градот да ги ослободат вработените од работните обврски, за да може сите заедно на достоинствен начин да им оддадат почит на жртвите во пожарот што се случи минатата година на 16 март.

Содржините за одбележувањето на годишнината ќе се одржат од 14 до 16 март на различни локации.

Одбележувањето ќе почне со богослужба во храмот „Свети Георгиј“ во Кочани. Во 8 часот ќе се одржи литургија за упокоените, а во 9.30 часот – општ парастос. Во 10.45 часот на Градските гробишта ќе биде одржано опело за жртвите од катастрофалниот пожар.

На 15 март, во 9 часот ќе се одржи рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип-Кочани во чест на загинатите 63 млади лица. Во исто време ќе започне и првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“, на Пониква.

Во 10 часот во спортската сала кај гимназијата во Кочани ќе се одржи кошаркарски турнир меѓу повредените во трагедијата.

Во Центарот за култиура „Бели мугри“ во 13.30 часот ќе биде прикажан музичко-балетски перформанс насловен „Кочани ви благодари“, по што следува концерт на Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“. Во 17.30 часот во еден од салоните на „Бели мугри“ ќе биде промовирана книгата „Ќе те има“ од Марина Стојчевска.

На 16 март во 2.15 часот пред дискотеката „Пулс“ ќе се одржи настан насловен „Светлина што останува“, а во 7 часот ќе почне трката Свети Николе-Штип-Облешево-Кочани.

Во Паркот на револуцијата во Кочани во 8.45 часот ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, со муралот „Ѕид на сеќавање“, посветен на жртвите.

Во 9 часот е предвиден прием на гости и делегации во Општината, а во 10 часот ќе се одржи молитва за упокоените.

Комеморацијата „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ ќе се одржи во 10.30 часот во Центарот за култур „Бели мугри“.

Во 12.30 часот ќе се отвори меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“, со што ќе заврши тридневното оддавање почит кон загинатите во пожарот во кочанската дискотека.

Поврзани содржини