НА НАСТАП НА ДНК ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ ЗАПАЛИЛЕ ЗВУЧНИЦИ И ПЛАТНО Прскалките што предизвикале пожар во „Пулс“ се купени на Бит-пазар?

Сопственикот на продавницата од која групата ДНК порано купувала прскалки тврди дека продавал прскалки со домет од метар или два, а тие што биле користени во дискотеката биле со домет од повеќе од 3 метри, какви што рече дека се продаваат на Бит-пазар.

1,042

Горан Игновски, сопственик на продавницата од која групата ДНК порано купувала прскалки, денеска во судница тврдеше дека прскалките од кои настанал пожарот во „Пулс“ не биле купени од кај него. Горан тврди дека продавал прскалки со домет од метар или два, а тие што биле користени во дискотеката биле со домет од повеќе од 3 метри, какви што рече дека се продаваат на Бит-пазар.

Неговата фирма „Чкаља“ ДООЕЛ, под бренд „Де аудио“, има продавница во Кисела Вода. Нуди опрема за сценски ефекти, осветлување, машини за конфети, машини за балони, ладни фонтани, прскалки кои работат на прашок, машини за чад, на база на вода и сл.






– Досега сопственик на ресторан ретко купил таква работа, најчесто изведувачите си купуваат сами за своите настапи. Постојат топли и ладни фонтани. Топлите фонтани работат со барут, тоа се оние исти што се ставаат на тортите, го имаат истиот состав како прскалките што прскаат еден до два метра. Има фонтани за надворешна и за внатрешна употреба. Имаме набавувано куферчиња за активација на топлите фонтани, сме ги увезле легално. Примероци од тоа им дадовме на надлежните во истрагата за да ги вештачат. Начинот на активација е следен: се става патрон во кутија и во даден момент се активира со далечинско. Дискретни се, и може да се постават на пример, наутро, а да се вклучат навечер. Ладните фонтани се големи кутии, 30 на 20 и се доста видливи на сцена, тие се поисплатливи да се користат, ама уредот е скап да се купи, па повеќето ги користат топлите фонтани – рече сведокот.

Обвинителот праша која е функцијата на куферчињата и од каде ги набавуваат.

– Тие куферчиња ги увезовме легално од Кина, ги продававме во продавницата. Тие не се користат само за прскалки, се користат и за балони, за активација на прашок за откривање на пол на бебе, имаат повеќе намени. Се користат и за активација на топли фонтани. Куферчињата имаат 8 бази, одеднаш може да се активираат 8 прскалки. Постојат и со 12 и со 4 бази, ние увезувавме од тие со 8. Имаат две далечинско внатре, може да се палат две по две, може и сите наеднаш, според желбата на тој што ги активира. Процесот на активација е следен: се става патронот во уредот, има две живи и батерија од 9 волти. Останува во стенд бај сѐ додека не се стисне далечинското. Може да се активираат и од 50 до 100 метри далечина. Тој што ракува треба да знае за каде му требаат, постојат патрони што прскаат еден метар, два метра. Имаат барутно полнење, со магнезиум и со алуминиум, затоа светкаат кога горат – рече сведокот.

Цената на тие куферчиња е по 150 евра, 9.000 денари. Ги продавале 3-4 години, сѐ до пожарот. Ладните прскалки чинат 30.000 денари.

– Ладните не ги купуваат толку, оти се поскапи, а за да се направи ефект треба неколку такви – рече сведокот.

Обвинителот го праша сведокот дали познава некого од ДНК и дали некој од групата купувал од кај него опрема за сценски ефекти.

– Го познавав Панчо. Тој пред 3 години купи куферче од кај мене. Потоа, по некое време, се јави некој дечко, за да купи патрони за прскалки. Јас имав 8 парчиња и им ги продадов и тоа беше. Пред 3 години беше тоа – рече сведокот.

Обвинителот праша дали му објасниле на купувачот како се користи опремата.

– Куферчето го купи Панчо. После неколку дена се јави едно лице што пелтечеше, подоцна дозав дека се вика Мартин Буцо, тој ги купи прскалките. Тоа беше одамна и после тоа никој од нив не се јавил да купи патрони – рече сведокот.

Обвинителот праша дали кај него се продаваат патрони за топли прскалки.

– Не, тоа е нелегално, јас ги имав набавувано од Бугарија, каде има две фабрики. За да ги купам ми требаа многу дозволи и складиште за чување, беше многу скапо. Ќе дојдеше по цена од 1.000 денари еден патрон и тоа беше неисплатливо и престанав да ги продавам – рече сведокот.

Тој рече дека топлите прскалки кои претходно ги продавал, ги набавувал од Бугарија, од фирмата „Тропик“. Купил мала количина, лично ги донел.

– После тоа не набавував, треба многу документи и не купував понатаму. Има и многу нелојална конкуренција, ги има на Бит-пазар итн. Мене примарна дејност не ми се прскалки и престанав. Ги донесов од Бугарија со возило, ги продадов по 500 денари една, а на Бит-пазар беа по 300 денари. Ги донесов пред 3 години, немам материјален траг за продажбата, оти не беа легални, нема фискална за тоа. Повеќе ги зедов за демонстрација, самиот употребив неколку – рече сведокот.

Тој додаде дека еден ден му се јавил Панчо за да земе прскалки, ако има, му рекол дека има 8 патрони.

– Мартин дојде, ги зеде и тоа беше. Ова беше пред две и пол години. Јас му објаснив на Панчо, а на Мартин како да го наместат патронот каде да се стави жицата и сл. Нема голема филозофија околу местењето – рече сведокот.

Тој рече дека немал соработка со клубот во Кочани и дека не ни знае каде се наоѓа. Но додаде дека соработувал со Стево Манасиев Штеф, кој има фирма за озвучување „Алфа саунд“. За жал и тој е еден од повредените во пожарот, а двајца негови вработени вечерта загинаа во пожарот, рече сведокот.

Тој нагласи дека прскалките Мартин ги зел година и пол пред пожарот. Сведокот го опиша изгледот на Мартин и потврди дека го видел од сликите на починатите во пожарот.

Тој рече дека прскалките ги купил на пазар во Илиенци. Рече дека не знае дека по настанот е пронајдена опрема под наслов „Тропик“.

Обвинителот го праша врз основа на што смета дека прскалките што го предизвикале пожарот не се купени од кај него.

– Јас доставив видеа дека ДНК на секој настап користат бели прскалки. Година и пол пред настанот немав никаков контакт со никого од ДНК. Тие за концертите употребиле 100 прскалки, веројатно не ги чувале моите сѐ до пожарот во „Пулс“ – рече сведокот.

Тој рече дека исто куферче со 8 прскалки какво што купил Панчо од кај него ѝ дал на полицијата за да се испита сѐ.

На прашањето дали ги видел видеата од пожарот, сведокот опиша:

– Да. Тој домет вечерта беше повеќе од 3 метри. Да користеа со домет од метар или два немаше да настане пожар. Тие со 3 метри домет ги има на Бит-пазар. Јас имав донесено само со домет од метар или два, за внатрешна употреба и не сме купувале со домет до 3 метра, кои се за надворешна употреба – рече сведокот.

Тој потврди дека на кутиите пишува колкав е дометот и дека има и упатство за употреба.

– На топлите прскалки не се става рака, може да ве изгори, а на ладните може да се стави рака и нема да ве изгори – рече сведокот Игновски.

Тој рече дека не го познава лицето Денис Даутовски.

– По порталите читав дека и тој купувал пиротехника во продавниците за ДНК и дека 6 месеци пред пожарот заминал во Германија. Не го познавам – рече тој.

Обвинителот праша дали некој друг од музичкиот свет купувал прскалки од кај него, што сведокот негираше.

– Дали пред настанот во Кочани сте чуле за некој безбедносен инцидент со вакви прскалки? – праша обвинителот.

– Да. На нивен настап во Гевгелија. ДНК во ресторан „Де факто“ има запалено платно, имаат запалено звучници. Колега од Гевгелија, Јани Мурџиев, кој работи со озвучување ми раскажа за ова. Не знам кога точно се случило ова – рече сведокот.

На прашање дали Јани Мурџиев од него побарал да не го посочува во Јавното обвинителство, сведокот рече дека откако го распитале по пожарот во Кочани, му се јавил и „го направи партал“.

По пожарот во Кочани, Игновски рече дека имал две кутии и дека едното го дал во полицијата, а другото најверојатно уште му стои. Рече дека продал максумум 15 такви кутии.

– Далечинското е големо како запалка „зипо“ и има антена што се извлекува – рече сведокот.

На прашање на обвинителот дали е обучен за користење пиротехника, рече дека нема сертификат, ама знае да ја користи.

Додаде дека други фирми за пиротехника има во ГТЦ и во Битола, кои се овластени за пиротехника, а конкретно за куферчњата, рече дека не му е познато.

– На Фесјбук има фирми кои продаваат такви куферчиња и прскалки, една е „Гер груп“, дури и со 16 патрони. Што сакате ќе ви донесат – рече сведокот.

Тој ја објасни разликата во цената и што е исплатливо да се користи.

– Топлата прскалка гори 30 секунди и тоа чини 500 денари, а ладните за 30 секунди 100 денари. На ладните само им го дополнувате прашокот и сами си бирате коку високо да прскаат. Но, уредот за ладните чини 30.000 денари и тоа е една од причините зошто повеќе се набавуваат топли. Втора причина е што за ладните мора да има струја и имаат кабли, кои пречат, а топлите немаат кабли, само батерија – рече сведокот.

 

Поврзани содржини