РЕФОРМСКАТА АГЕНДА СО ЗГОЛЕМЕН РИТАМ Сали најавува завршување на сите чекори до јуни
Беким Сали најави интензивна работа на реформската агенда, завршување на законските промени и целосно исполнување на сите чекори до јуни, со отворен пристап кон различни форми на членство во Европската Унија.
Министерот за европски прашања, Беким Сали, во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека Владата е посветена на реформската агенда и дека динамиката на нејзиното спроведување се зголемува, особено по завршувањето на локалните избори. Сали најави дека сите чекори од реформската агенда ќе бидат завршени до јуни.
– И реформската агенда ја тераме со зголемена динамика. Имаме почести координации на ниво на Влада и меѓуинституционална комуникација за исполнување на задачите. Очекувам во јуни извештајот да биде попозитивен – рече Сали.
Министерот истакна дека интензивната работа на реформската агенда вклучува и измена на закони кои веќе се договорени.
– До 15 јануари спроведовме и доставивме 27 чекори од вкупно 41 во реформската агенда. Во рок од 90 дена, значи до крајот на март или евентуално 15 април, ќе го добиеме првиот резултат и ќе видиме дали сме во ред или ќе има забелешки за дополнување – посочи Сали.
Тој се осврна и на различните форми и можности за членство во Европската Унија.
– Ние сме согласни во било која форма да станеме дел од ЕУ и со текот на времето да се адаптираме. Комуникацијата не сме ја прекинале, отворени сме за сите опции. Се што треба да сработиме, го правиме интензивно – рече Сали.
Министерот додаде дека е можно во 2027 година да се воведе различен пристап за зачленување, но дека крајниот збор го имаат земјите членки на Европската Унија.