ПЕКИНГ СТРАВУВА ОД НЕДОСТИГ НА НАФТА Кинеските рафинерии добија наредба да го запрат извозот
Стравувањата од нарушено снабдување со нафта поради кризата во Ормутскиот теснец ја натераа кинеската влада итно да им нареди на рафинериите да го запрат извозот на нафтени деривати.
Кинеските власти побарале од најголемите рафинерии во земјата привремено да го прекинат извозот на дизел и бензин, поради стравувања од можен недостиг на енергенси предизвикан од војната на Блискиот Исток, објави „Bloomberg“.
Тековната блокада на поморскиот сообраќај во стратешки важниот Ормутски теснец, кој ги поврзува Индиски Океан и Персиски Залив, претставува сериозен ризик за снабдувањето со енергија на азискиот гигант, кој во голема мера зависи од увоз на сурова нафта од овој регион.
Според извештајот на „Bloomberg“, службеници од Националната комисија за развој и реформи на Кина – главното тело за економско планирање во Кина – се сретнале со претставници на рафинериите и „усно побарале привремен прекин на испораките на нафтени производи, при што мерката стапува во сила веднаш“.
„Од рафинериите е побарано да престанат да потпишуваат нови договори и да преговараат за откажување на веќе договорените испораки“, наведува агенцијата, повикувајќи се на извори запознаени со прашањето.
Компаниите „PetroChina“, „Sinopec“, „CNOOC“,„ Sinochem Group“ и приватната рафинерија „Zhejiang Petrochemical“ редовно добиваат квоти од владата за извоз на гориво.