ПРВ ПАТ ПРВАТА ДАМА ПРЕТСЕДАВА СО СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ Меланија Трамп влезе во историјата, реакциите се фуриозни
Додека светот гори во војни, сопругата на Доналд Трамп ги повика земјите да инвестираат во образованието на младите генерации, како предуслов за мир и стабилност во светот.
Не стивнуваат реакциите во јавноста откако Меланија Трамп влезе во историјата на Обединетите нации, како првата сопруга на актуелен светски лидер што претседаваше со седница на Советот за безбедност.
Настанот се случи на 2 март во седиштето на ОН во Њујорк, откако Соединетите Американски Држави го презедоа ротирачкото месечно претседателство со Советот.
Вообичаено, седниците на Советот за безбедност ги води амбасадорот на земјата што претседава или некој висок владин функционер. Одлуката токму првата дама на САД да ја води седницата затоа се смета за преседан во историјата на ова тело.
Според портпаролот на ОН, ова е првпат сопруга на актуелен државен лидер да седне на местото на претседавач на 15-члениот Совет.
Седницата што ја водеше Меланија Трамп беше посветена на темата „Деца, технологија и образование во конфликти“. Во своето обраќање таа нагласи дека образованието може да биде клучна алатка за спречување конфликти и за создавање поголема толеранција меѓу народите. Таа ги повика земјите да инвестираат во образованието на младите генерации како предуслов за мир и стабилност во светот.
Настапот на Меланија Трамп е поврзан и со нејзините активности како прва дама, особено со иницијативите за заштита на децата и нивното образование во услови на војни и хуманитарни кризи. Во последните години таа се ангажираше и во иницијативи поврзани со украинските деца погодени од војната, како и во глобални проекти за поддршка на образованието и младите.
Сепак, историскиот момент се случи во чувствителен геополитички контекст. Седницата се одржа само неколку дена по ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и во време на критики кон американската надворешна политика.
Дел од дипломати и аналитичари посочија дека е контроверзно што САД претседаваат со седница за заштита на децата токму во период кога се водат воени операции во регионот.
Иран, на пример, остро ја критикуваше иницијативата, обвинувајќи ги САД за лицемерие, бидејќи темата за заштита на децата била разгледувана во момент кога во регионот се водат воени операции. И други држави, меѓу нив и Кина, повикаа на поголема одговорност и на почитување на меѓународното хуманитарно право кога станува збор за заштита на цивилите и училиштата во воените конфликти.
Од друга страна, поддржувачите на оваа одлука сметаат дека станува збор за симболичен дипломатски гест со кој се испраќа порака дека темите поврзани со децата и образованието треба да бидат во центарот на глобалната агенда. Некои членови на Советот ја поздравија нејзината иницијатива и ја пофалија за ангажманот околу прашањата поврзани со младите и образованието.