КИНА ОТВОРЕНО ЗАСТАНА ЗАД ИРАН Ванг Ји со силна порака до САД и до Израел
Кинескиот министер Ванг Ји во разговори со Иран, Оман и Франција порача дека Пекинг го поддржува Техеран и побара итен прекин на воените операции во регионот.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор му порача на својот ирански колега Абас Арагчи дека Пекинг го поддржува Техеран во одбраната од нападите на САД и Израел, во услови на продлабочување на конфликтот на Блискиот Исток.
Преку серија разговори со колеги од Иран, Оман и Франција, Ванг го пренел ставот на Кина за актуелната ескалација.
Во разговорот со Арагчи, Ванг нагласил дека Пекинг „го негува традиционалното пријателство меѓу Кина и Иран“.
– Ние го поддржуваме Иран во одбраната на неговиот суверенитет, безбедност, територијален интегритет и национално достоинство, како и во заштитата на неговите легитимни права и интереси – рекол Ванг Ји.
Шефот на кинеската дипломатија истовремено ги повикал САД и Израел веднаш да ги прекинат воените операции.
– Ги повикуваме САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции, да избегнат понатамошна ескалација на тензиите и да спречат ширење на конфликтот во целиот регион на Блискиот Исток – изјави Ванг, пренесе „CCTV“.
Во одделен разговор со министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди, Ванг ги обвини САД и Израел за „намерно поттикнување војна против Иран“, оценувајќи дека со тоа „се кршат целите и принципите на Повелбата на ОН“.
Тој додаде дека Кина е подготвена да преземе поактивна улога во решавањето на кризата.
– Кина е подготвена да игра конструктивна улога, залагајќи се за правда, мир и запирање на војната преку платформата на Советот за безбедност на ОН – му порача Ванг на Албусаиди.