ИТНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОН ПО ЕСКАЛАЦИЈАТА НА БЛИСКИОТ ИСТОК Светот повикува на мир и на разум
Повеќе држави денеска објавија реакции по нападите на САД и Израел врз Иран и иранската одмазда во регионот, при што, некои земји ја поддржуваат американско-израелската интервенција, а други апелираа што поскоро да се смири ситуацијата, за да не ескалира во пошироки размери.
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран врз американскитте бази во повеќе држави на Блискиот Исток.
Седницата, која треба да почне во 21 часот, ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и од Бахреин.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на итен состанок на Советот за безбедност.
„Тековната ескалација е опасна за сите. Мора да престане“, објави Макрон на Икс.
Тој предупреди дека избувнување војна меѓу САД, Израел и Иран носи „тешки последици за меѓународниот мир и безбедност“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја осуди ескалацијата на непријателствата ширум Блискиот Исток и ги повика сите земји-членки да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право.
– Повикувам на итен прекин на непријателствата и деескалација. Неуспехот да се стори тоа носи ризик од поширок регионален конфликт со тешки последици за цивилите и за регионалната стабилност. Силно ги охрабрувам сите страни веднаш да се вратат на преговарачката маса. Не постои одржлива алтернатива на мирното решавање на меѓународните спорови, во целосна согласност со меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН – рече тој.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека британски авиони „денеска се на небото“ над Блискиот Исток.
– Тоа е дел од координираните регионални одбранбени операции за заштита на нашите луѓе, нашите интереси и нашите вредности -рече тој.
Стармер истакна дека Обединетото Кралство поседува низа одбранбени капацитети во регионот, кои неодамна беа засилени. Тој исто така нагласи дека Британија го подигна нивото на заштита за своите бази и персонал на највисоко можно ниво.
– Исто така, стапуваме во контакт со државјаните на Обединетото Кралство во регионот и правиме сè што можеме за да ги поддржиме – додаде Стармер.
Британскиот премиер потврди дека разговарал со лидерите на Германија и на Франција, како и со регионалните лидери, во напорите да се смират тензиите. Негова примарна цел е „мирот и безбедноста, како и заштитата на цивилните животи“.
Обраќајќи му се директно на Иран, Стармер порача дека Техеран „може веднаш да го прекине ова“. Тој го повика Иран „да се воздржи од понатамошни напади, да се откаже од својата програма за вооружување и да ги прекине застрашувачкото насилство и репресијата врз иранскиот народ“. Тој изрази верување дека тоа е „патот назад кон преговарачката маса“.
И Катар и Саудиска Арабија повикуваат на „итен прекин“ на ескалациите.
Емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, разговараше со принцот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, при што разменија мислења за тековните случувања и нивните влијанија врз регионалната и меѓународната безбедност.
Катар и Саудиска Арабија ја нагласиле потребата од „итен прекин“ на секакви ескалации и враќање на преговарачката маса, пренесе Ал Џезира.
Салман ја потврди „целосната солидарност и поддршка на неговата земја за државата Катар, нејзината силна осуда за нападите на катарската територија со ирански балистички ракети и нејзината посветеност да ја обезбеди сета можна поддршка на Катар во сите мерки што ги презема за зачувување на нејзиниот суверенитет, безбедност и стабилност“.
Емирот на Катар изрази „длабока благодарност и почит за цврстите ставови на сестринското Кралство Саудиска Арабија и за нејзината искрена братска солидарност и непоколеблива поддршка“.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, изјави дека „најновите случувања низ Блискиот Исток се опасни“ и дека блокот разгледува дипломатски решенија во координација со арапските партнери. Калас, исто така, рече дека разговарала со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, и дека европската конзуларна мрежа им помага на граѓаните на ЕУ да го напуштат регионот.
– Несуштинскиот персонал на ЕУ се повлекува од регионот – додаде таа.
Поранешниот претседател и сегашен заменик-секретар на Рускиот совет за безбедност, Дмитриј Медведев, верува дека САД го покажале своето „вистинско лице“ со нападите.
– Сите преговори со Иран беа само фасада. Никој не се сомневаше во тоа. Никој не сакаше да преговара за ништо – објави Медведев.
Премиерот на Либан, Наваф Салам, рече дека земјата нема да биде „вовлечена“ во конфликт со Иран, а властите стравуваат од можна вмешаност на проиранската милиција Хезболах.
„Повторувам дека нема да прифатиме некој да ја влече земјата во авантури што ја загрозуваат нејзината безбедност и единство“, објави Салам на социјалната платформа Икс.
Австралија ги поддржува напорите на САД да го спречат Иран да се здобие со нуклеарно оружје, рече премиерот Ентони Албанезе.
„Одамна е познато дека нуклеарната програма на Иран претставува закана за глобалниот мир и безбедност“, напиша Албанезе на Икс.
Британската влада соопшти дека не сака „да види како ситуацијата се влошува и се претвора во поширок регионален конфликт“, рече нејзиниот портпарол во соопштението.
Франција соопшти дека приоритет на земјата е да ги заштити своите граѓани и војници на Блискиот Исток, изјави висок функционер на француското Министерство за одбрана.
„За нас, очигледно, заштитата на нашите граѓани и заштитата на нашите сили во регионот е приоритет во овие ситуации. Јасно е дека сме во ситуација на воена ескалација. Мора да видиме што ќе се случи во наредните часови“, рече Алис Руфо.
Министерот за надворешни работи на Норвешка изрази жалење што разговорите меѓу Техеран и Вашингтон „не доведоа до дипломатско решение“ на конфликтот, нагласувајќи ја важноста од спречување на Иран да развива нуклеарно оружје.
„Длабоко сум загрижен сега што имаме уште една голема војна на Блискиот Исток“, изјави Еспен Барт Ајде.
Холандија ги повикжа сите страни да покажат воздржаност за да спречат понатамошна ескалација.
„Стабилноста во регионот е клучна“, објави холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен на Икс.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб ја изрази својата непоколеблива поддршка за храброста на иранскиот народ во нивната борба за подобра иднина и почитување на нивните права. Тој ги повика сите страни да се воздржат од напади врз невини цивили.
„На светот не му се потребни нови војни“, објави кабинетот на премиерот.
Голоб, кој со голема загриженост ја следи ескалацијата на ситуацијата во Иран, нагласи дека дипломатијата мора да има приоритет.
„Храброста на иранскиот народ во неговата борба за права и подобра иднина секогаш ќе ја има нашата непоколеблива поддршка“, објави неговиот кабинет.