САКАЛ ДА КУПИ КРИПТО, НО ОСТАНАЛ БЕЗ 43.750 ЕВРА Кумановец наседнал на измама преку социјални мрежи
Се договорил преку социјални мрежи, ги предал парите во готово, а на неговата крипто адреса не пристигнало ништо.
48-годишен кумановец остана без 43.750 евра откако се обидел да купи криптовалута. Парите ги предал во менувачница во Велес, но крипто средствата никогаш не стигнале.
Случајот бил пријавен синоќа во СВР Велес, откако мажот сфатил дека е измамен преку договор склучен преку социјални мрежи.
Според неговата пријава, тој објавил оглас за откупување криптовалута, по што стапил во контакт со лице кое му понудило трансакцијата да се изврши во крипто менувачница во Велес. Договорот бил тој да ги уплати парите во готово, а за возврат на својата крипто адреса да добие соодветна сума во дигитални средства.
Мажот ги предал 43.750 евра на вработен во менувачницата, по што му било кажано дека средствата се испратени на наведената адреса. Но, на неговиот крипто-паричник парите никогаш не пристигнале.
Кога се обидел повторно да стапи во контакт со лицето со кое се договарал, открил дека разговорот е избришан, а неговиот телефонски број блокиран. Истото лице го блокирало и бројот на менувачницата. Дури тогаш сфатил дека станува збор за измама и случајот го пријавил во полиција.
За настанот е известен јавен обвинител, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот и откривање на сторителот.