ДЕБИ НА СЕЛЕКТОРОТ БЕРОКАЛ ВО СКОПЈЕ Кошаркарите ја бркаат третата победа во групата
Македонската кошаркарска репрезентација вечерва во Скопје игра против Луксембург во квалификациите за Евробаскет 2029. Дебитира новиот селектор Берокал.
Македонската кошаркарска репрезентација денеска го продолжува квалификацискиот циклус за Евробаскет 2029 со натпревар против селекцијата на Луксембург, воедно и прв официјален меч под водство на новиот селектор Жозеп Мариа Берокал.
Дуелот од третото коло во групата А се игра вечерва во салата „Градски парк“ во Скопје со почеток во 18 часот.
Македонскиот состав влегува во мечот со максимален ефект по првите две кола, откако забележа победи против Азербејџан на домашен терен и Република Ирска на гости. И денешниот противник Луксембург има две победи, што навестува израмнет и важен дуел во групата.
Берокал за вечерашниот натпревар се одлучи за следниот состав: Војдан Стојановски (капитен), Андреј Магдевски, Виктор Ташовски, Лука Стојановски, Марин Петков, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Андреј Јакимовски, Етан Хап и Теодор Симиќ.
Македонија ќе се обиде да ја продолжи победничката серија и да направи значаен чекор кон врвот на табелата во групата А.