МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА БАРА ОДГОВОРНОСТ ЗА КУЌНИОТ ПРИТВОР НА ГРУБИ Ги прозва судијата, јавниот обвинител и раководителот на обвинителството
Министерот јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
Министерот за правда Игор Филков на прес-конференција упати пораки во врска со одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случај поврзан со истрага за проневера од над осум милиони евра.
Во своето обраќање, министерот потенцираше дека Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана, ниту ќе стои на страна кога јавноста со право бара одговори.
– Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност – истакна Филков.
Тој нагласи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство – ризик што се остварил – и дека јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
Министерот јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
Министерот за правда јавно ги повика сите актери во постапката да дадат одговори на следните прашања:
– Јавниот обвинител Даниел Коцев, да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот?
– Раководителот на обвинителството Анел Фидоски – Да одговори дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?
– Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски – Кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?
Министерот за правда Игор Филков рече дека побарал објаснување и од надлежните институции во однос на условите во притворските установи и најави вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел утврдување на безбедносната состојба.
– Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип – порача Филков.