Вегета од милион евра

Да се воведе праг на потписи не значи да се задуши плурализмот. Напротив, тоа е филтер меѓу волја и пародија, меѓу граѓанска иницијатива и евтина егзибиција. Тоа треба да биде одделување на независен од несериозен.

94

Колумнава ја пишувам надвор од било каква кампања, од проста причина што во спротивно лесно би можела да биде погрешно протолкувана доколку се најде во web-етерот во изборно време. Не сакам да се расправам со народ со интелигенција на мало бело лабораториско глувче, кое со сериозен израз ми објаснува дека „ме фатил страв од некој или нешто“.

Затоа, свесно прифаќам дека ова ќе има помалку читања, а повеќе мир и тишина. Што, искрено, не е лошо. Нека легне. Одлуките донесени со ладна глава речиси секогаш се подобри од емотивните и избрзаните реакции. А нешто – очигледно – мора да се смени.






Проблем

Во Македонија, за да се кандидираш за градоначалник, ти требаат два потписа. Толку. Стрико ти и комшиката се доволни за да станеш официјален кандидат, со ист правен статус како и било кој друг политички субјект. Не ти треба ни партија ниту ти треба сериозна програма. Не сум сигурен ни дали ти треба лекарско уверение.

И нема ништо нелегално во тоа. Напротив – формално, сè е во склад со Уставот и демократските принципи. Демократија на дело.

Само што понекогаш, меѓу словото на законот и здравиот разум, нема ситни пукнатини, туку зјае бездна.

Малку Вегета, многу голем циркус

Во 2021 година, во јасната изборна трка меѓу Кирил Пецаков и Константин Георгиески во Охрид, се појави и кандидат познат како „Вегета“. На ТВ-дебата донесе пакување од зачин и го истури по масата – симболично мезе што, според него, го јаделе народот од партиите.

Гестот беше смешен. Достоен за кабаре или нискобуџетно шоу. Но, не смееше да биде таму. Не затоа што е забрането, туку затоа што контекстот е погрешен: тоа беше дебата меѓу луѓе кои треба да управуваат со огромен градски буџет и да носат одлуки за околу седумдесет илјади жители.

И тамам си помислив дека ваков лик може да добие само аплауз и потсмев, но не и гласови – сепак, протестни гласачи, незадоволни граѓани и политички мајтапџии решија да го поддржат циркусот. Последицата беше јасна: втор круг.

Ако околу 1.100 „протестни“ гласови воопшто не беа дадени, или пак, ако беа распределени меѓу фаворитите, Пецаков ќе беше градоначалник уште во првиот круг.

И сега клучното прашање: „Колку ја чинеше оваа пародија државата?“

Најмалку 200.000 евра! 89 избирачки одбори, минимум пет члена во секој. Педесетина илјади гласачки ливчиња. Печатење, транспорт, обезбедување, кампањи, медиумски настапи, административни ресурси. Реално, 200.000 евра можеби се и премалку ако се пресметаат и трошоците на преостанатите две заинтересирани страни.

Го избрав овој пример затоа што како активист и гласач во Охрид бев директно погоден. Но, од сеќавање, вакви „Вегета“ кандидати имаше уште три-четири низ државата. Заедно, тие чинат колку една нова детска градинка. Или, ако сакаме појасно: имаме „Вегета од милион евра“.

Демократија со филтри не е лоша демократија

Можеби ќе кажете – демократијата е скапа работа. Да прифаќам – но, да се воведе праг на потписи не значи да се задуши плурализмот. Напротив – тоа е филтер меѓу волја и пародија, меѓу граѓанска иницијатива и евтина егзибиција. Одделување на независен од несериозен.

Секако дека постоеле и ќе постојат сериозни независни кандидати. Во минатото имало и независни победници. Но, дали навистина мислите дека на таков кандидат му е проблем да собере 1% потписи, ако однапред знае дека му требаат над 50% гласови за победа?

По укинувањето на членовите 17 и 18 од Изборниот законик, ДИК мораше да донесе правилник што дозволува кандидатура со два потписа. Формално – сè е во ред.

Суштински, прашањето е поинакво: дали демократијата значи било кој со двајца пријатели да предизвика втор круг и да ја чини државата огромни средства? Ви се чини неможно? Истражете. Ако ги земеме сите изборни циклуси зборуваме за десетина милиони фрлени на „Вегета“.

Во многу земји постојат минимални прагови: стотици потписи, зависно од големината на општината. Целта е политиката да не се претвори во циркус, а изборите во предмет на потсмев. Само за кусо, замислете хипотетичка ситуација: еден клас средношколци, сите се кандидираат – секој со по два потписи од соседните два класа? Законита смешка? Ајде да не си играме држава, туку да имаме држава.

Непријатната вистина

Овде има уште една непријатна вистина за која ретко зборуваме. „Вегета“ кандидатите не се причината. Тие се симптом. Никнуваат од ништо, директно во просторот што го оставаат оние што не гласаат, што велат „сите се исти“, што на изборен ден избираат удобен цинизам наместо граѓанска одговорност. И први се што ќе кажат колку им е недобро што некој друг им го избрал кандидатот.

Кога младите масовно остануваат дома, политиката не станува попаметна – станува поскапа во пари, а поевтина во вредност. Кога разумните се повлекуваат, на сцена излегуваат егзибиционистите. Несериозноста на кандидатите расте обратнопропорционално со излезноста. Затоа „Вегетата“ е скапа. Бидејќи апатијата е поскапа. Добрите луѓе кои не гласаат, редовно бираат лоши политичари. А сметката од лошите политичари, на крај, секогаш ја плаќаме сите.

Поврзани содржини