МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ВЛЕЗЕ ВО ПРЕДИЗБОРНАТА РЕТОРИКА ВО БУГАРИЈА Скопје е за активна комуникација со Софија, со јасни принципи, порача Муцунски
Секој што сака и цели да нè внесе во изборната реторика во соседна Бугарија нема про-ЕУ вредности. Тоа го гледаме од одредени фактори во соседна Бугарија, но, и од одредени политички фактори тука, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Сакаме да имаме активна комуникација и активен ангажман со Софија, а доказ дека можеме да соработуваме е изградбата на Коридорот 8, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Вчера, додаде тој, присуствував во Тирана на настан посветен на Коридорот 8, каде што опипливи мерки се преземаат и од двете страни за реализација на овој проект.
– Но, исто така кажавме дека и западниот сегмент од Коридорот 8, во Албанија, треба да биде забрзан. Гледаме позитивни сигнали од Албанија во последниот период и тоа е за поздравување, бидејќи и самиот Коридор 8 како таков не би бил целосен без обврските што треба да ги преземе Република Албанија. Тука не зборуваме само од гледна точка на патната и железничката инфраструктура, туку и енергетската инфраструктура и други комплементарни прашања што се поврзани со тоа. Зошто го спомнувам Коридорот 8? Затоа што Коридорот 8 е доказ дека со соседна Бугарија, кога сакаме, можеме да соработуваме – рече Муцунски.
Тој потсети дека во овој момент во соседна Бугарија тече изборен процес и треба да бидеме максимално внимателни што ќе кажеме и како ќе се поставиме.
– Ние како држава немаме апсолутно никаков интерес да станеме дел од изборната реторика во соседна Бугарија. Секој што сака и цели да нè внесе во изборната реторика во соседна Бугарија нема про-ЕУ вредности. И тоа го гледаме и од одредени фактори во соседна Бугарија, но, да бидам максимално искрен, тоа го чувствувам и од одредени политички фактори тука – рече Муцунски.
Тој потврди дека по ова прашање се остварува и конкретна комуникација со Европската Унија.
– Пред неколку дена видовте во Минхен средба на премиерот Христијан Мицкоски, на која го придружував и јас, со претседателот на Европскиот Совет, господинот Антонио Кошта. Секако, една од темите за која дискутиравме е процесот на потенцијално наоѓање решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на што ние ќе работиме, но во рамките на принципите кои ни се јасни, верувам, на сите вас и прилично јавно ги имаме поставено – нагласи Муцунски.
На средбата со Кошта минатата недела во Минхен премиерот Мицкоски истакна дека земјата останува посветена на европскиот пат и на реформите, но оти заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.
– Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, за реформите што ги спроведуваме и за предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно ја пренесов нашата позиција, Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, исто така, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања – посочил премиерот Мицкоски на средбата со Кошта.
Бугарија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 19 април 2026 година. Тоа се осми избори во последните 5 години, а се случуваат по продлабочената политичката криза предизвикана од масовните протести против корупцијата во земјата.