Без импровизации, молам, изборот на Републички јавен обвинител не е избор на Мис или Мистер на македонското правосудство!

Ај да не кинеме зелени, си имаме ние во Македонија јасно системско решение: парламентот го избира државниот јавен обвинител. А така е и во Хрватска. Во Словенија е уште подобро, таму го избира владата. Има и зошто е тоа така.

808

Читам реакции и коментари, во кои жолчно се тврди дека Советот на јавни обвинители ѝ дал одврзани раце на власта сама да избере нов Републички јавен обвинител. И дека со тоа се потврдувала контролата на извршната власт врз правосудството.

И не знам дали тие коментари се партиска навивачка агенда, обична човечка злоба и љубомора или само блажено незнаење. Ајде, да речеме дека станува збор за незнаење.






Советот на јавни обвинители не го избира Републичкиот јавен обвинител. Ова тело е надлежно да ги оцени и да даде мислење за кандидатите. Ништо помалку и ништо повеќе од тоа. Таквата надлежност е системски утврдена и добро е што токму така се поставени нештата.

Еве зошто.

Советот за јавни обвинители е хибридно тело, составено делумно од членови избрани од јавните обвинители и делумно од членови именувани од страна на парламентиот, тело избрано на непосредни избори. Постои огромна, суштинска разлика меѓу избирање и именување. Избраните се одговорни пред избирачкото тело, именуваните пред тие што ги именувале.

Во случајот на Советот за јавни обвинители, хибридното решение е во тоа што од сите обвинители е составено „избирачко тело“ коешто избира дел од членовите на Советот. При тоа, Советот е надлежен за именување и за разрешување јавни обвинители – на сите, освен на Републичкиот. Затоа се вели дека решението е хибридно: дел од членовите на Советот се избрани од обвинителите, а тие, пак, се избрани од ова тело. Некаков баланс воспоставува Републичкиот јавен обвинител, кого го избира парламентот (претставничкото тело избрано од народот): тој по функција е член на Советот за јавни обвинители.

Кога би било системски уредено Советот за јавни обвинители да го избира Републичкиот јавен обвинител, кому тој би полагал сметка за својата работа, пред кого би давал отчет, кој би можел да ја утврдува неговата одговорност и да го смени?

Неколку именувани членови на Советот на јавни обвинители и уште неколкумина други „избрани“ од обвинителите, на кои тој им е шеф по строга хиерархиска линија?

Не, не може така. Да биде јасно – парламентот го избира Републичкиот јавен обвинител, гласаат пратениците кои својот мандат го добиле од народот. Пред нив одговара и тие го менуваат.

Така е и во Хрватска, на пример. Земја членка на ЕУ. И таму државниот јавен обвинител го избира парламентот (Саборот). Уште подобро решение има Словенија. Во таа земја владата го избира државниот јавен обвинител. Бидејќи, суштински и реално, Обвинителството треба да се третира како дел од извршната власт.

Во Франција претседателот на Републиката е тој што го избира државниот обвинител. Така е и во Португалија. Во Шпанија тоа е работа на кралот, суштински на владата. Од „ферментираните“ наспроти младите и „експериментални“ европски демократии, интересен „самоуправен“ модел има само Италија – таму обвинителите го избираат својот шеф.

Како и да е, изборот на Републички јавен обвинител не е избор на Мис на македонското правосудство. Начинот на избор и надлежностите при тој процес системски и суштински извираат од основите на претставничката демократија и треба да обезбедат јасна, легална и легитимна линија на отчетност и одговорност на државниот јавен обвинител.

Затоа, да го научиме ова и да не кинеме зелени, ве молам.

Поврзани содржини