УНГАРИЈА ПОСЕГА ПО СТРАТЕШКИТЕ РЕЗЕРВИ НА НАФТА Прекинот на снабдувањето преку нафтоводот Дружба ги испразни резервите на рафинериите
Доколку снабдувањето со нафта од исток не се нормализира во наредните денови, Унгарија можеби ќе мора да ослободи 250.000 барели нафта од стратешките резерви, во првата рунда, велат од МОЛ
Унгарската енергетска компанија МОЛ објави дека побарала од Министерството за енергетика за повлекување нафта од стратешките резерви со цел да се обезбеди снабдување на рафинериите по прекинот на испораките преку нафтоводот Дружба од 27 јануари.
МОЛ планира да го покрие недостигот со нафта што ќе ја испорача по море, меѓутоа пристигнувањето на оваа набавка ќе потрае , па затоа бара периодот да го покрие со државни стратешки резерви.
Првите пратки на пратката која треба да патува по море треба да пристигнат во хрватското пристаниште Омишаљ на почетокот на март и ќе бидат потребни дополнителни пет до 12 дена за да стигнат до рафинериите на групацијата МОЛ. Ова би значело дека нема да пристигнат до средината на март.
– Доколку снабдувањето со нафта од исток не се нормализира во наредните денови, Унгарија можеби ќе мора да ослободи 250.000 барели нафта од стратешките резерви, во првата рунда – велат од МОЛ.
Од компанијата додаваат дека се во контакт со словачката влада со цел да се обезбеди навремена реакција на Братислава на ситуацијата. МОЛ е сопственик на словачката рафинерија Словнафт со капацитет од 124.000 барели нафта дневно.
Прописите на Европската унија наложуваат Унгарија и Словачка да имаат нафта во своите стратешки резерви доволна да се покријат 90 дена.
Сегашната ситуација не претставува закана за малопродажбата на горива и не предизвикала нарушување во снабдувањето на пазарот, нагласи MOL во соопштението за медиумите, истакнувајќи дека тие континуирано ја следат ситуацијата.