ДЗС НА ТЕРЕН ВО ПОВЕЌЕ ПОПЛАВЕНИ РЕГИОНИ Граѓаните добиваат помош за расчистување на куќи и дворови
Поплавени куќи, подруми и земјоделски површини, механизација и пумпи во акција низ целата земја/
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во координација со локалните власти и населението, продолжува да интервенира по пријавите за поплави и излевање на водотеци низ Македонија. Тимовите на ДЗС сношти беа активни, а дејствата продолжуваат и денеска, согласно потребите и можностите, заедно со другите субјекти од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во скопскиот регион, седум тимови на ДЗС дејствуваа во општина Сарај, особено во селата Буковиќ и Семениште, каде што беа поплавени над 30 куќи и дворови. Интервенираа и екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Активностите беа насочени кон расчистување на зафатените подрачја и испумпување на водата, со цел постепена нормализација на состојбата.
Во кумановскиот регион, реката Слупчанка се излеа во село Опае, зафатувајќи дел од населбата, додека во село Оризаре беа поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети на куќи или објекти, а штетите се ограничени на обработливо земјиште.
„Нашите тимови континуирано дејствуваат на терен, ги следиме пријавите преку 112 и координираме со сите субјекти од ЦУК за брза и ефективна реакција. Евакуацијата на загрозените лица, како и испумпувањето на водата, се наши приоритети, особено во Кичево и околните населени места“, информираат од ДЗС.
Во тетовскиот регион, интензивните врнежи предизвикаа проблеми со одводните канали и свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и Тетово – Попова Шапка. Патот кон Џепчиште останува затворен за сообраќај, додека делницата кон Једуарце е расчистена и повторно проодна. На некои делници воведена е забрана за тешки товарни возила и автобуси. Снабдувањето со струја и вода е стабилно, а засега нема опасност од излевање на поголеми водотеци.
Во гостиварскиот регион, поплавени беа куќи, подрумски простории и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во село Беловиште беа евакуирани заглавени лица од поплавен објект, кои беа безбедно извлечени. Во село Форино, излевањето на реката Вардар зафати земјоделски површини и постои ризик за објекти во близина на мостот кон село Тумчевиште.
Во Кичево, по излевањето на Зајашка Река, беа поплавени повеќе куќи и дворови, а над 200 лица беа евакуирани. Евакуацијата вклучуваше стари и изнемоштени лица, како и деца од поплавените објекти. Локалната Територијална противпожарна единица (ТППЕ) Кичево изврши преку 250 евакуации, истовремено вршејќи испумпување на вода од витални објекти и расчистување на автопатот кај Колари за безбедност во сообраќајот. Евакуираните се сместени во спортската сала во Кичево, каде што се обезбедени полски кревети и пумпи за испумпување вода.