МАКЕДОНСКО-КОСОВСКА БРИГАДА ЌЕ ПРЕРАСНЕ ВО МОДЕРЕН БУЛЕВАР Ѓорѓиевски најави трансформација на ликот на Скопје
Наскоро ќе почне реализација на основниот проект за изградба на булеварот Македонско-косовска бригада во Чаир, на делницата од раскрсницата со Џон Кенеди до раскрсницата со булеварот Босна и Херцеговина, во должина од 1,4 километри.
– Овој потег претставува значајна сообраќајна артерија што ќе ја подобри поврзаноста и проточноста во овој дел од градот – вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Проектот предвидува современо и функционално сообраќајно решение со четири коловозни ленти, по две во секоја насока, средишно зеленило за зголемена безбедност и визуелна уреденост, велосипедски патеки во двете насоки, како и нови тротоари со ширина од по 2 метри за сигурно и комфорно движење на пешаците.
Во рамки на проектот е предвидено и заштитно зеленило од двете страни на булеварот, како и проширувања кај автобуските стојалишта, со што се подобрува јавниот превоз и се зголемува безбедноста на патниците.
– Од оваа пролет, со подобрувањето на временските услови, Скопје ќе доживее вистинска трансформација. Рамномерниот развој во сите општини, започнува! – порача Ѓорѓиевски.