ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЛИЦАТА ЛАЗАР ТРПОВСКИ ВО ЧАИР Најавено е и проширување на булеварот Цветан Димов
Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување.
Градоначалниците на Скопје и на Чаир, Орце Ѓорѓиевски и Изет Меџити денеска го означија почетокот на реконструкцијата на улицата Лазар Трповски, односно Ферит Мурати, во должина од 1 километар. Тоа е една од најзначајните сообраќајни артерии во Чаир.
Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување.
Според Меџити, првата фаза од обновата на првите 600 метри, се реализира со финансиска поддршка од Светска банка во износ од околу 22 милиони денари, додека Општина Чаир учествува со дополнителни 4 милиони денари.
Вториот дел од улицата ќе се изведува преку повик од Владата и со средства од општинскиот буџет.
– Предвидена е целосна реконструкција на улицата, со велосипедски патеки од двете страни, нови тротоари и легални паркинг-места за околу 200 возила. Проектот опфаќа и реконструкција на постојниот кружен тек, како и изградба на уште два нови кај основното училиште „Исмаил Ќемали“ и кај крајната крстосница – истакна Меџити.
Во рамки на проектот ќе биде поставено и ново улично осветлување. Градоначалникот Меџити нагласи дека оваа улица ќе претставува модел за идните инфраструктурни зафати во Чаир и во градот Скопје.
– Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата Лазар Трповски, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните – соопштија од Град Скопје.
Градот Скопје до крајот на годинава ќе почне постапка за целосна реконструкција и проширување на булеварот Цветан Димов, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница.