ДАЛИ ТАТКОТО РОБЕРТ И ЌЕРКАТА ГИЛЕЈН МАКСВЕЛ БИЛЕ „МОЗОЦИ“ НА РАЗУЗНАВАЧКАТА ОПЕРАЦИЈА, А ЕПСТИН САМО ОПЕРАТИВЕЦ? Молкот на „регрутерката“ ги распали старите сомнежи дека во заднината на целата приказна е Мосад

Тврдењето на адвокатот на Гилејн Максвел, дека таа може да ги „исчисти“ имињата на влијателните политичари, вклучително и на Трамп и на Бил Клинтон, од сите обвиненија поврзани со Епстин, доколку ѝ биде дадена таква шанса, предизвика бура во јавноста.

480

Гилејн Максвел, осудената соработничка на Џефри Епстин, која отслужува 20-годишна затворска казна за трговија со луѓе, повторно го привлече вниманието на светските медиуми со својот молк пред американскиот Конгрес.

На виртуелното сослушување во еден конгресмен комитет, таа целосно го искористи Петтиот амандман на американскиот Устав и одбиваше да одговори на речиси сите прашања за нејзината улога во мрежата на Епстин и за потенцијалните соработници. Голем одби фа одговори и на прашањето кого заштитува со својот молк.






Но, уште повозбудливо — нејзиниот адвокат на сослушувањето излезе со тврдење дека Максвел би била подготвена да сведочи искрено, но само ако добие помилување од поранешниот претседател Доналд Трамп. Адвокатот тврдеше дека таа може да ги „исчисти“ имињата на влијателните политичари, вклучително и на Трамп и на Бил Клинтон, од сите обвиненија поврзани со Епстин, доколку ѝ биде дадена таква шанса.

Овие најнови настани ја вжештија јавната дебата и ја отворија вратата за најконтроверзни приказни и теории што ги поврзуваат Максвел, Епстин и поранешни, но и сегашни разузнавачки служби.

Кој е Роберт Максвел, таткото на Гилејн?

Кога се зборува за случајот на Џефри Епстин, обично фокусот е на сексуалните злосторства и на мистериозната смрт во затворска ќелија. Но, под површината со години „врие“ поинаква приказна – онаа што ги поврзува Епстин, Гилејн Максвел и нејзиниот татко Роберт Максвел, во една мрежа на разузнавачки сенки, шпионажа и компромитирачки тајни.

Факт е дека Гилејн Максвел е ќерка на Роберт Максвел – медиумски магнат, сопственик на весници и на издавачка империја, човек кој по смртта во 1991 година зад себе остави финансиска пустош и низа нерешени прашања. Но, според низа автори и истражувачи, зад бизнис-биографијата се криела и друга улога: тајна, невидлива, разузнавачка.

Новинарот и автор Сејмур Херш, како и публицисти како Гордон Томас, на пример, тврдат дека Роберт Максвел бил длабоко поврзан со израелските разузнавачки служби. Томас оди чекор подалеку и во своите книги го опишува Максвел како „супершпион“, човек кој со години работел за Мосад, користејќи ги медиумите како покритие.

Овие тврдења никогаш не добиле судска потврда. Но, сомнежите дополнително се хранат со фактот дека по смртта на Максвел, тогашниот израелски премиер му приредил државен погреб во Ерусалим – чест која ретко му се укажува на странски државјанин. За критичарите, тоа не било израз на почит, туку индиректна потврда за „услугите“ што Максвел наводно ги давал.

Дали Максвел тргувал и со контроверзен софтвер?

Во оваа мозаична слика се појавува и аферата „PROMIS“, приказна за контроверзниот софтвер развиен за американското Министерство за правда. Според автори и извештаи што кружат со децении, PROMIS наводно бил модифициран со „бекдор“ и продаван на странски влади, овозможувајќи пристап до чувствителни податоци. Името на Роберт Максвел се појавува во медиумски извештаи и во делумно декласифицирани документи на ФБИ, како лице поврзано со дистрибуција на ваков софтвер – вклучувајќи го и PROMIS.

Официјалната позиција на американското Министерство за правда вели дека нема „кредибилни докази“ за вакво сценарио. Но, факт е и дека ФБИ водел контраразузнавачки предмет во кој се спомнуваат Максвел, неговите компании и продажба на софтверски системи. За теоретичарите на заговор, тоа е доволно за да се сомневаат дека вистината никогаш не била целосно објавена.

Малку е вројатно Гилејн Максвел да била само „регрутерка“ на девојките на Епстин

По смртта на Роберт Максвел, неговата ќерка Гилејн се појавува како централна фигура во животот на Џефри Епстин. Судски е утврдено дека таа соработувала со него и учествувала во регрутирање и злоупотреба на малолетнички. Но, според алтернативните наративи, таа улога имала и друга димензија.

Поранешни разузнавачи и истражувачки новинари, како и повеќе документарци, тврдат дека Епстин не бил само богат педофил, туку и човек кој собирал компромитирачки материјали за политичари, бизнисмени и научници. Според оваа теза, „педофилската мрежа“ била алатка за уцена – класичен разузнавачки метод.

Клучното прашање гласи: за кого?

Некои автори, меѓу кои и поранешниот израелски разузнавач Ари Бен-Менаше, јавно изјавиле дека Епстин и Гилејн Максвел работеле за Мосад, обезбедувајќи компромат за моќни личности. Овие изјави никогаш не биле потврдени со документи, но никогаш ниту целосно демантирани со независна истрага.

Факт е дека Епстин имал необично лесен пристап до врвот на светската елита – од американски претседатели, преку европски принцови, до врвни научници. Факт е и дека неговото богатство има нејасно потекло. За поддржувачите на теориите на заговор, тоа не е случајност, туку показател за поддршка од моќна разузнавачка структура.

Дали тројцата биле поврзани со Мосад?

Кога во 2019 година Епстин умира во затвор под „неразјаснети околности“, сомнежите експлодираат. Камерите не работат, чуварите заспиваат, а најважниот сведок во можниот глобален скандал исчезнува засекогаш. Теоријата дека „некој го замолчал“ Џефри станува доминантна на социјалните мрежи и во алтернативните медиуми.

Во таа приказна, Гилејн Максвел е осудена, но таа никогаш не проговори за пошироката мрежа. Кои биле клиентите? Кој имал корист? Кој ги штител? Одговори – нема.

А кога нема одговори, има шпекулации. Според нив, сликата е многу јасна: татко – медиумски магнат со разузнавачки врски; ќерка – социјална посредничка и оперативец; Епстин – финансиер и собирач на компромат. Тројца актери во иста сенка, со иста цел – моќ преку тајни.

Дали навистина сите тројца работеле за Мосад? Нема судски пресуди, нема целосно декласифицирани документи. Но има премногу индиции, сведоштва и чудни совпаѓања, за приказната едноставно да се отфрли како фантазија.

Поврзани содржини