НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ТОА, НО НЕ ВЕЛАМ НЕ Вучиќ открива дали ќе биде кандидат за премиер
Што се однесува до (кандидатурата за) премиер, ги молам сите луѓе да не зборуваат за тоа. Едноставно е, во овој момент не сакам да кажам не, затоа што секогаш оставам некаква можност, изјави српскиот лидер.
Вучиќ ги замоли сопартијците да не зборуваат за тоа дали тој ќе биде кандидат за премиер на претстојните избори и да не шпекулираат на таа тема.
– Не е ни време ни место. Прво, тоа мора да биде моја одлука – дали се чувствувам доволно способен и дали го сакам тоа, а потоа мора да биде одлука на народот. А народот сака промени, само не сака промени какви што му наметнуваат блокадерите, туку промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос – изјави Вучиќ во Претседателството на Србија, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се знае дали тој ќе биде кандидат за премиер на парламентарните избори.
Вучиќ рече дека е тешко да не се посака промена на некој што, како што наведе, е 14 години на власт, и дека тука не мисли само на политичките неистомисленици, туку и на оние што го поддржуваат.
– Мене ми останува само да кажам колку грешев и колку работи пропуштив да направам. Секој ден се каам што понекогаш сум се опуштил и можеби не сум работел онолку колку што требаше за да постигнеме уште подобри резултати – рече Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Тој оцени дека на следните избори ќе победи оној што ќе ги убеди граѓаните дека е способен истовремено да донесе и стабилност и промени.
– Што се однесува до премиерот, ги молам сите луѓе да не зборуваат за тоа. Едноставно е, во овој момент не сакам да кажам не, затоа што секогаш оставам некаква можност – изјави Вучиќ.
Тој наведе дека има илјада забелешки на сопствена сметка, но дека се постигнати резултати кои денес се земаат здраво за готово и повеќе не се ценат затоа што луѓето се навикнале на нив.
Истакна дека за првпат во историјата Србија има стабилен курс на динарот, а дека поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, кој се споменува како име на студентско-блокадерската листа, го уништил динарот и му ја намалил вредноста за 50 отсто.
Вучиќ додаде дека денес Србија има и најниска стапка на јавен долг во однос на бруто-домашниот производ во модерната историја.