📷 СКОПСКОТО КАЛЕ СЕ ОТВОРА ЗА КУЛТУРА Ѓорѓиевски најавува нов живот за најголемиот симбол на градот

Обиколка и стручен увид на Скопското Кале со цел негово внимателно отворање и интеграција во современиот културен живот на градот.

541

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, денеска извршија обиколка и детален увид на локалитетот Скопско Кале, со цел утврдување на неговата актуелна состојба и можностите за понатамошно активирање во рамки на визијата „Скопје – Европска престолнина на културата“.

Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи истакна дека неговата цел како градоначалник е јасна и недвосмислена – целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со целосно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство.






– Низ светот постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се интегрирани во современиот културен живот, како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси. Тоа се живи простори во кои постои постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази – посочи Ѓорѓиевски.

Според него, токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна и смислена интерпретација на културното наследство, при што просторот добива нова, современа улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на Скопје.

– Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на градот. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и колективна меморија. Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации – да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина – порача градоначалникот на Скопје.

Поврзани содржини