ПОТРОШУВАЧКАТА НА СТРУЈА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ СЛЕДИ ОД ТЕЛЕФОН Регулаторната комисија најавува паметни струјомери

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) спроведува и сет мерки за зголемување на отпорноста на главните енергетски компании од сајбер напади.

102

Задолжително тестирање на критичната инфраструктура, воведување на сет на меѓународни безбедносни правила, секоја енергетска компанија да подготвува одделен буџет во кој приоритет имаат инвестициите за сајбер безбедност, назначување на офицер за сајбер безбедност – се дел од сетот на мерки што по налог на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги имплементираат клучните енергетски компании  со цел зголемување на отпорноста од сајбер напади.

Како што соопштија од РКЕ, цел на овие мерки е да се зголеми отпорноста на енергетскиот систем на сајбер напади, заштита на критичната инфраструктура и обезбедување континуирано и сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството.






-Анализите покажаа дека до 2024 години ниту една компанија немаше имплементирано ниту еден стандард за сајбер безбедност. Некои имаа воспоставено локални политики во оваа сфера, процедури, но тоа не беше доволно за да се следи и паралелно да се надоградува безбедносниот сајбер обрач. Во овој момент две енергетски компании го имплементираа меѓународниот ИСО стандард (систем за управување со безбедноста на информациите), додека три компании се во финална фаза на имплементација. Факт е дека кај приватните компании имплементацијата е полесна, затоа што не се обврзани да распишуваат тендери како јавните претпријатија – вели Апостолчо Рамов, раководител на сектор за информатичка технологија и статистика во  РКЕ.

Тој учествуваше на третата Конференција за дигитализација во организација на Американската стопанска комора.

Рамов притоа најави дека регулаторната дигитализација ќе продолжи, а следен чекор е воведување на паметни броила.

– Законот е на сила, а операторите на пренос и дистрибуција треба да направат анализа за воведување на паметни мерни системи (smart meters). Целта е секој граѓанин сам, преку свој мобилен уред или онлајн да следи како оди потрошувачката. Во овој момент се прави техничка анализа. Дигитализацијата ќе ја зголеми довербата – ќе нема повеќе дилеми дали е сметката реална или претпоставена – рече тој.

Со цел да се намалат ризиците од нарушување на континуирано снабдување со електрична енергија РКЕ уште во 2023 година во соработка со НАРУК (National Association of Regulatory Utility Commissioners) и УСАИД  донесе Правила за сајбер-безбедност. Со нив, за првпат системски се уредуваат обврските на енергетските субјекти во однос на заштитата на мрежите, информациските и оперативните технологии. Во периодот што претстои овие правила ќе бидат усогласени и со новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи што е предуслов за стабилен, сигурен и модерен енергетски систем.

Поврзани содржини