МАКЕДОНИЈА ЈА СОВЛАДА РОМАНИЈА ВО ДРАМАТИЧНА БОРБА Црвено-жолтите славеа со 24:23 со гол во последната секунда

По поразот од Данска и ремито со Португалија, победата на „црвено-жолтите“ им овозможи пласман во главната фаза.

431

Македонската ракометна репрезентација вечерва во Хернинг ја победи репрезентацијата на Романија со 24:23, во клучниот натпревар од последното коло во групата Б на Европското првенство.

По поразот од Данска и ремито со Португалија, победата на „црвено-жолтите“ им овозможи пласман во главната фаза. Освен триумф над Романија, македонската селекција ќе мора да го следи и исходот од натпреварот Данска – Португалија, кој ќе го даде конечниот расплет во групата. Македонија се надева на победа со двоцифрена разлика на домаќинот Данска над Португалија






Македонските ракометари во текот на целиот натпревар беа во резултатска предност која на полувремето изнесуваше плус четири голови, а во неколку наврати достигнуваше и највисоки плус пет. Сепак, темпото во играта на македонската репрезентација падна во завршните 15 минути и во драматична завршница Костески со гол во последната секунда донесе минимална победа.

Избраниците на Кирил Лазаров фуриозно го отворија натпреварот со ефикасен напад и гранитна одбрана.

По воведните 3-0 во 5. минута, голот на Костески минута подоцна беше поништен поради престап, а во следниот напад Велкоски на реализираше во ситуација „еден на еден“ со романскиот голман.

Сепак, капитенот Кузмановски беше прецизен за почетни највисоки 4-0 пред Романците да го постигнат својот прв гол на натпреварот преку Станчук од пенал во 11 минута.

На средина на полувремето, предноста на Македонците изнесуваше 6-3, а со идентична предност (10-7), натпреварот влезе во завршни пет минути од полувремето.

Ѓоргиев во продолжение изнуди исклучување и седмерец кој Кузмановски го реализираше за плус четири разлика, а Пешевски во 28 минута беше прецизен за највисоки плус (12-7).

Романците одговорија со серија од 2-0, но Костески по „цепелин“ со Џонов беше прецизен во завршниот напад за предност на полувремето од четири голови разлика (13-9).

Митев го реализираше првиот напад по паузата за предност од пет голови, а во продолжението Костески и Пешевски не реализираа од изгледи позиции, што Романците го искористија да ја намалат негативата на 15-12.

Уследи криза во играта на македонскиот состав принудувајќи го Лазаров да побара тајмаут во 46. минута при водство од 19-17.

Кузмановски со „сув лист“ од седум метри, зголеми на 20-17, а откако Аларов веќе во следниот напад на Романците доби црвен картон, уследија уште две исклучувања во македонските редови и серија неискористени напади кон романскиот гол.

Романија во 57. минута прв пат дојде до израмнување на резултатот (22-22), но Кузмановски од седум метри во завршната минута го врати водство (23-22) во период кога македонската репрезентација повеќе од шест минути беше без постигнат гол.

Романците го реализираа последниот напад за израмнување 23-23 на седум секунди до крајот, кои, сепак, беа доволни за брз напад на македонската репрезентација и реализација на десното крило Костески со звукот на сирената за конечни 24-23.

Капитенот Кузмановски со девет голови беше најефикасен во македонските редови, а Мартин Томовски запиша пет интервенции на голот.

Поврзани содржини