📷 ОВА ТРУЕЊЕ КУЧИЊА Е НЕХУМАНО, А МОЖЕ ДА СИ ГИ ОТРУЕТЕ И ДЕЦАТА! Градоначалничката на Неготино очајнички повикува на разум и на акција

До сите жители - пријавувајте веднаш во полиција ако забележите сомнителни материи или труење, и не допирајте сомнителни остатоци на јавни површини. Единствено со заедничка реакција и координација можеме да спречиме нови случаи – вели градоначалничката Нацева.

235

Со длабока загриженост ги следам пријавите и сведоштвата за труење и сурово постапување со кучиња во Неготино. Ова го осудувам најостро. Вакви дејствија не смеат да се случуваат во градот во кој живееме, напиша денеска на „Фејсбук“, градоначалничката Марија Нацева.

– Законот за заштита и благосостојба на животните е јасен, а намерното труење и мачење животни претставува сериозен прекршок и ваквите дејствија можат да повлечат и кривична одговорност, согласно важечките закони. Сакам јавно да појаснам – Општина Неготино не молчи и не стои настрана. За овие случаи доставени се информации и пријави до надлежните органи, и очекувам институциите да постапат итно и решително. Во оваа постапка клучна е улогата на МВР, инспекциските служби, вклучително и Агенцијата за храна и ветеринарство, додаде Нацева.






Неготинската градоначалничка ги повика надлежните институции да излезат на терен, да се направи стручно постапување и да се санкционира секој сторител.

– Апелирам и до сопствениците на миленици – да бидат одговорни, да ги чуваат своите животни во безбедни услови и да не ги пуштаат без надзор. Напуштањето на миленици и нивното оставање на улица е неодговорно и недозволиво – додаде градоначалничката.

Таа истакна дека овде не станува збор само за благосостојбата на животните.

– Расфрлан отров на јавна површина е сериозна закана за јавното здравје и безбедноста на граѓаните, особено на децата. До сите жители – пријавувајте веднаш во полиција ако забележите сомнителни материи или труење, и не допирајте сомнителни остатоци на јавни површини. Единствено со заедничка реакција и координација можеме да спречиме нови случаи – подвлече Нацева.

Во објавата таа истакнува дека Неготино мора да биде град на ред, безбедност и одговорност, за луѓето и за животните.

– Како локална самоуправа ќе продолжиме да инсистираме на системско и хумано решавање на проблемот, во рамки на законските надлежности – нагласи градоначалничката.

Претходно невладината организација Лина – Спаси живот, објави потресни фотографии од дел од настраданите кучиња во Неготино во јануари оваа година.

„Со отров расфрлан на јавна површина, со тепање до смрт, со газење, на најсуров начин се измачуваат кучињата кои најчесто им е поминат хуманиот третман во Стационарот Шепа (заловено, кастрирани, стерилизирани, вакцинирани, вратени на локација).
Секојдневната слика во Неготино е показател на нефункционално општество, немање совест и емпатија кон животните, неодговорно сопствеништво, нефункционалност на надлежните, нефункционалност на законот за Благосостојба на животните, немање интерес од страна на општинските власти за отпочнување на системското решавање со проблемот со бездомните кучиња кои произлегуваат од неодговорните сопственици. И покрај пријавувањата во МВР од страна на граѓаните за сторени кривични дела, надлежните не излегуваат на терен – пишуваат активистите за заштита на правата на животните.

Поврзани содржини