РАКИЈА СКРИЕНА ПОД ХАУБА И ВО КРОВ Царината откри десетици илјади евра, злато и цигари

Царинските службеници пронајдоа непријавени пари, злато, цигари, накит и дури 60 литри домашна ракија при контроли на повеќе гранични премини.

811

Царинските службеници во последните денови имале активна работа на повеќе гранични премини, откривајќи серија обиди за криумчарење пари и стока.

На граничниот премин Табановце, мобилен царински тим пронашол кај двајца грчки државјани 13.900 евра, три златни монети и една златна плочка од околу 90 грама. При личен преглед, возачот имал и 23.900 евра во џебови и паричник. Од законски дозволените 10.000 евра им биле вратени, а остатокот од пари и злато е привремено задржан.






При друг случај на влез во држава на премин Ќафасан, кај совозач биле пронајдени 20.000 евра. Од нив, 10.000 биле вратени, а остатокот задржан. На премин Богородица, четворица патници носеле по 5.000 евра, за кои дел бил привремено задржан.

На преминот Деве Баир царината открила 30 штеки цигари со турски акцизни маркички, 279 парчиња накит и 30 килограми монистри во багажот на автобус. Вредноста на непријавените производи изнесувала околу 74.000 денари, со избегнати давачки од околу 75.000 денари.

На преминот Стење, патник со живеалиште во Прилеп имал 17 шишиња со течност за инјекции за животни, кои се привремено одземени.

Исто така, на Табановце, патник со АТА карнет на музички инструменти имал неколку непријавени гитари и звучни уреди. Дополнително, при преглед на друго возило биле пронајдени 60 литри домашна ракија скриена во задните врати, под тапацирот, во кровот и под хаубата, додека пријавени биле само неколку канти со сирење и торби.

Поврзани содржини