ПОРАНЕШЕН ЧЛЕН НА ЕКИПАТА ВО ОДБРАНА НА ТИМОТИ БАСФИЛД „Мајката на децата се закани дека ќе го уништи“

Поранешен член на екипата на серијата „The Cleaning Lady“ застана во одбрана на актерот и режисер Тимоти Басфилд, кој се соочува со сериозни обвиненија за сексуално злоупотребување на двајца малолетни актери.

113

Според нови судски документи од судењето против актерот и режисер Тимоти Басфилд, кој се соочува со сериозни обвиненија за сексуално злоупотребување на двајца малолетни актери, Кристофер Форд, долгогодишен холивудски обезбедувач, тврди дека присуствувал на ручек во Коралес, Ново Мексико, во март или април 2024 година, по завршувањето на снимањето на третата сезона од серијата „The Cleaning Lady“. На ручекот, како што наведува, била присутна и мајката на двата момчиња, пишува  TMZ.

Форд во изјавата тврди дека мајката била видно лута додека се разговарало дали нејзините деца ќе се вратат во серијата за наредната сезона и дека изјавила оти „ќе го уништи Тимоти Басфилд“ доколку нејзините синови не бидат повторно ангажирани. Тој нагласува дека лично ја слушнал изјавата и дека таа била дадена пред да биде поднесена каква било официјална пријава поради недолично однесување.






Полицијата тврди дека Басфилд подоцна ги заменил двата момчиња со помлад актер кој претходно бил на аудиција.

Форд дополнително наведува дека родителите секогаш биле присутни кога децата работеле на сетот и дека често го гледал таткото како ги охрабрува да ги прегрнуваат луѓето на сетот – вклучувајќи го и Басфилд – и тоа пред сите присутни.

Тој вели и дека никогаш не го видел Басфилд насамо со децата, додавајќи дека „не постоела реална можност“ за приватен контакт, бидејќи секогаш имало други луѓе во близина или во домет на слухот. Според него, сите интеракции меѓу Басфилд и малолетните актери се одвивале на отворени делови од сетот, пред очите на екипата, актерите и родителите.

Како што веќе беше објавено, Тимоти Басфилд минатата недела доброволно се предал на полицијата во Албукерки, откако бил издаден налог за негово апсење. Обвинителството го товари за две точки за кривично сексуално контактирање со малолетник и една точка за злоупотреба на дете.

Судските документи поднесени во понеделникот откриваат дека двајцата малолетни актери, во аудио-снимки од полициски интервјуа во ноември 2024 година, првично изјавиле спротивно – односно дека не биле недолично допирани.

Според обвинителството, момчињата за наводната злоупотреба проговориле дури по терапевтските сесии во септември 2025 година, при што едното дете му рекло на својот терапевт дека Басфилд го допирал по пенисот и задникот.

Тимоти Басфилд ги негира сите обвиненија и моментално е задржан во притвор без можност за кауција. Неговиот правен тим тврди дека актерот успешно поминал независен полиграфски тест и дека интерна истрага на Warner Bros. не пронашла докази за какво било недолично однесување.

Поврзани содржини