ХРВАТСКА ФИРМА ИСПУМПАЛА МИЛИОН ОД ЕУ ЗА НЕНИКНАТИ СМОКВИ Сопружници се „заортачиле“ со претприемачка која им рекла да молчат

Се сретнавме (со претприемачката Вања Гњидиќ) во пицерија во Риека. Не ги прочитав документите, само ги потпишав. Таа тврдеше дека сè е легално, изјави Дарко Блажевиќ. Подоцна, кога проектот пропаднал, Гњидиќ го посетила заедно со Љерка Микиќ, уште една обвинета во случајот, и му наредила „да молчи“.

549

Во Окружниот суд во Загреб денес падна признание кое ја откри структурата на еден од најциничните проекти финансирани со европски пари. Дарко и Данијела Блажевиќ, сопружници од Риека, признаа дека соработувале со претприемачката Вања Гњидиќ во измама со средства на Европскиот земјоделски фонд за рурален развој, пишува Јутарни лист.

Проектот, официјално за „производство на смокви на островот Јакљан“, бил само фасада за извлекување на над 1,5 милион евра од европските и хрватските фондови.






Фалсификувани документи и фиктивни работи

Судот утврди дека компанијата на Блажевиќ, „Ископи 4Д“, издавала лажни фактури и потпишувала извештаи за „земјени и бетонски работи“ кои никогаш не биле реализирани. Платежната агенција одобрила две рати, 328.190 и 863.283 евра, врз основа на лажна документација. Вистинските активности на терен биле минимални: на Јакљан пристигнале само два багери, а од ветените плантажи со смокви, ниту трага.

– Работите беа делумно направени, но далеку од она што го прикажавме – изјавил Дарко Блажевиќ пред судот, признавајќи дека дел од парите биле подигнати во готовина и вратени назад на Гњидиќ за да се сокрие вистинскиот тек на средствата.

„Ни рече да молчиме“

Во сведочењето, Блажевиќ детално ја опишал шемата. Рекол дека Вања Гњидиќ му ветила 2.000 евра месечно и уште 100.000 евра по завршувањето на проектот.

– Се сретнавме во пицерија во Риека. Не ги прочитав документите, само ги потпишав. Таа тврдеше дека сè е легално – изјави Блажевиќ.

Подоцна, кога проектот пропаднал, Гњидиќ го посетила заедно со Љерка Микиќ, уште една обвинета во случајот, и му наредила „да молчи“.

– Рече дека има 200.000 евра за нашата одбрана и дека сме целосно покриени – сведочеше тој.

Штета од над 1,5 милион евра

Според неправосилната пресуда, Европскиот земјоделски фонд е оштетен за 1.285.450 евра, а хрватскиот државен буџет за уште 226.844 евра. Дарко Блажевиќ е осуден на 11 месеци општествено корисна работа, а неговата сопруга на осум. Двајцата ќе платат и по 12.000 евра глоба.

Истрагата против Вања Гњидиќ продолжува. Таа се товари како организатор на мрежа за извлекување европски пари преку фиктивни земјоделски проекти и подизведувачи што постоеле само на хартија.

Поврзани содржини