ЛАВИНИ „ГОЛТААТ“ НЕВНИМАТЕЛНИ СКИЈАЧИ НА АЛПИТЕ Серија трагедии во Австрија и во Франција за само неколку дена

Експертите посочуваат дека заеднички именител во речиси сите овие случаи е скијањето надвор од означените патеки, каде снегот не е контролиран ниту стабилизиран. Во такви услови, дури и минимално оптоварување – еден скијач или мала група – може да биде доволно за активирање лавина.

92

Трагичната серија лавини на Алпите продолжи и оваа недела, кога 13-годишно момче го загуби животот во австриското скијалиште Спортгаштајн, дел од регионот Бад Гаштајн, во покраината Салцбург.

Погибија на 13-годишно момче во Бад Гаштајн






Несреќата се случила во понеделникот околу пладне, кога момчето, кое било на зимување со семејството, скијало надвор од официјално обележаните патеки. Според првичните информации од локалните служби, лавината се активирала по поместување на нестабилен слој снег, при што детето било затрупано под голема снежна маса.

Спасувачките екипи, во кои учествувале планински спасувачи, хеликоптер и специјално обучени кучиња, пристигнале брзо на терен. И покрај интензивните обиди за реанимација кои траеле повеќе од 40 минути, лекарите можеле само да ја констатираат смртта.

Австриските власти соопштија дека станува збор за исклучително нестабилни снежни услови, со висок лавински ризик, кој бил официјално најавен уште утрото.

„Крвав викенд“ на француските Алпи

Само неколку дена претходно, француските Алпи беа погодени од вистински „крвав викенд”, во кој шест лица загинаа во одделни лавински инциденти, а повеќе други беа повредени.

Најтешката ситуација се разви на 10 и 11 јануари, во услови на обилни снежни врнежи, силен ветер и нагло натрупување нов снег врз нестабилна подлога.
Во Ла План, популарно скијалиште во департманот Савоја, 50-годишен скијач од Велика Британија бил затрупан од лавина додека скијал надвор од патеките.

По речиси еден час потрага, бил пронајден под повеќе од два метра снег, но веќе без знаци на живот. Спасувачите соопштија дека шансите за преживување во такви услови се минимални.

Во исто време, трагедија се случила и во Куршевел, еден од најпознатите француски зимски центри, каде лавина однела уште еден живот. Деталите за жртвата не беа објавени, но беше потврдено дека и овој инцидент се случил надвор од уредените патеки.

Жртви и во најпознати скијалишта

Во Валорсин, во регионот От-Савоја, 32-годишен маж бил зафатен од лавина и фрлен со голема сила во дрво. Иако бил брзо извлечен, повредите биле фатални.

Истовремено, две одделни лавини во Вал д’Изер и во Ареш-Бофор однеле уште три животи, со што бројот на загинати за само два дена достигна шест.

Покрај смртните случаи, лавини беа регистрирани и во Тињ и Орел, каде имаше повредени скијачи, а спасувачките служби мораа повеќепати да интервенираат во исклучително тешки услови.

Француските власти признаа дека ситуацијата била „екстремно опасна”, со лавински ризик оценет со четврто и петто ниво, што значи „висока” до „екстремна” опасност.

Секое скијање надвор од патеките е ризично

Експертите посочуваат дека заеднички именител во речиси сите овие случаи е скијањето надвор од означените патеки, каде снегот не е контролиран ниту стабилизиран. Во такви услови, дури и минимално оптоварување – еден скијач или мала група – може да биде доволно за активирање лавина.

Надлежните служби во Австрија и Франција апелираат туристите строго да ги почитуваат предупредувањата, да избегнуваат терени надвор од пистите во денови со висок ризик и да не ја потценуваат природата, без оглед на искуството или атрактивноста на теренот.

Серијата трагедии од последните денови повторно ја покажува суровата страна на Алпите – планини кои нудат спектакуларна убавина, но и смртоносна опасност кога условите се игнорираат.

 

Поврзани содржини