ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА МОЛДАВИЈА ЗАГОВАРА СПОЈУВАЊЕ СО РОМАНИЈА!? Маја Санду вели дека на референдум би гласала „за“

Сè потешко и потешко е за мала земја како Молдавија да преживее како демократија, како суверена држава и, секако, да се спротивстави на Русија – изјави претседателката на Молдавија.

347

Молдавската претседателка Маја Санду изјави дека би гласала за обединување со Романија доколку прашањето некогаш се стави на референдум, нагласувајќи дека за Молдавија станува сè потешко да „преживее“ како независна земја.

Молдавија, земја со околу 2,4 милиони луѓе сместена помеѓу Романија и Украина, во последниве години стана цел на руска хибридна активност, вклучувајќи кампањи за дезинформации и манипулации на избори, објави Политико.






„Доколку имавме референдум, би гласал за обединување со Романија“, рече Санду.

„Погледнете што се случува околу Молдавија денес. Погледнете што се случува во светот. Сè потешко и потешко е за мала земја како Молдавија да преживее како демократија, како суверена држава и, секако, да се спротивстави на Русија“, нагласи таа.

Идејата за обединување има многу поголема поддршка во Романија

Молдавија беше дел од Романија од 1918 до 1940 година, кога беше анексирана од Советскиот Сојуз. Прогласи независност во 1991 година, по падот на Железната завеса.

На референдумот одржан во 2024 година, тесно мнозинство Молдавци, 50,4 проценти, гласаа за членство во Европската Унија. Санду освои втор мандат на паралелни претседателски избори со околу 55 проценти од гласовите, победувајќи го противникот кој имаше проруски ставови.

Иако отворено ја изрази својата лична поддршка за идејата за обединување, Санду нагласи дека оваа опција во моментов нема мнозинска поддршка во Молдавија, за разлика од приклучувањето кон Европската Унија, за која земјата официјално аплицираше во 2022 година.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека околу две третини од молдавските граѓани се против обединувањето со Романија, додека поддршката за таа идеја е традиционално многу поголема во Романија.

Поврзани содржини